Портпаролот на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, им порача на странските политичари кои го критикуваат апсењето на рускиот опозициски лидер, Алексеј Навални, да ги почитуваат меѓународното право и рускиот закон и да ги решат нивните проблеми.



Захарова реагираше откако Џејк Саливан, кого новоизбраниот американски претседател Џо Бајден има намера да го назначи за помошник на националната безбедност, повика на итно ослободување на Навални, кој беше уапсен синоќа на аеродромот во Москва.

„Што се однесува до Саливан и другите странски службеници кои објавуваат претходно подготвени коментари: Почитувајте го меѓународното право, не го нарушувајте националното законодавство на суверена држава и справувајте се со проблемите во вашата земја“, напиша Захарова на Фејсбук, пренесува Танјуг.

Притворањето на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални веднаш по пристигнувањето во Москва од Германија, предизвика бран од меѓународни критики. Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас повика на итно ослободување.

Претходно и американскиот државен секретар Мајк Помпео исто така побара „итно и безусловно ослободување“ на Навални. Приведувањето на критичарот на Кремљ, Помпео го нарече „последен во серијата обиди да се замолчи Навални и другите опозициски и независни личности кои ги критикуваат руските власти.

Претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел го нарече апсењето на опозицискиот политичар „неприфатливо“ и побара негово итно ослободување.