Катастрофален пораз за Македонија од 38:19 против домаќинот Египет во второто коло на 27. Светско првенство за ракометари, најубедлив за „црвено-жолтите“ од 18:32 од Куба во дебито на мундијалите исто така во Египет 1999.



Незапаметениот дебакл го најави уште првото полувреме, кое избраниците на селекторот Данило Брестовац го изгубија со 20:6!

Мизерниот впечаток беше потврден во 41. минута, кога „фараоните“ стигнаа до неверојатни 30:10, за да биде заокружен со максимални 34:13!

За споредба, аутсајдерот Чиле на стартот од шампионатот беше поразен од Египќаните „само“ со 35:29.

Во расштимуваниот македонски „оркестар“ по три гола постигнаа Лазаров, Пешевски и Маркоски, а голманот Томовски запиша 7 одбрани.

В понеделник Македонија и Чиле меѓусебе ќе го дадат третиот патник од групата во втората фаза, покрај Египет и Шведска.