ЦДУ: Се избира наследник на Ангела Меркел

Владејачката партија во Германија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), ќе избере нов лидер на онлајн- конгресот што се одршува денес и утре.



Според досегашната практика, победникот речиси автоматски ќе стане кандидат за функцијата канцелар на местото на Ангела Меркел, која цврсто вети дека ќе се повлече оваа година.

Според Би-Би-Си, ова го чини изборот особено значаен бидејќи ќе се одрази не само на домашниот политички живот во Германија, туку и на ЕУ.

За челната позиција на ЦДУ кандидати се поранешен политичар, а потоа и корпоративен адвокат, 65-годишниот Фридрих Мерц, премиерот на Северна Рајна-Вестфалија, 59-годишниот Армин Лашет, како и шефот на комисијата за надворешни работи на Бундестагот, 55-годишниот Норберт Ротген.

Ангела Меркел уште пред две години најави дека ќе го напушти местото шеф на владата по изборите во есента 2021 година (закажани за 26 септември).