„Во изминативе неколку месеци разговорите на релација Софија-Скопје станаа толку нетранспаренти, што јавноста е збунета и не знае дали на Договорот за добрососедство му се спрема нов анекс, нов акционен план или ново понижување? – пишува на Фејсбук претседателот на Комисијата за надворешни работи, Антонијо Милошоски, кој ги повика шефот на дипломатијата Бујар Османи и вицепремиерот Никола Димитров во Собранието.
„И се’ додека за македонско-бугарските преговори се одбегнува институционална расправа во Собранието, се повеќе истите ќе наликуваат на приватни пазарења на Заев со Борисов, на Бујар со Захариева или на Димитров со Каракачанов. И додека секој од споменатите тера посебна кариерна агенда, ќе слушаме противречни ставови како:
– ставот на Димитров дека од Бугарија треба да одмориме до март
– ставот на Бујар, дека со Бугарија треба поинтензивно да се преговараи
– ставот на Заев дека, откако ни удрија вето за ЕУ, тој не знаел во што е проблемот со Бугарија“.
„…Затоа крајно време е владините министри Османи и Димитров да ги симнат маските после Василица, да се појават во Собранието и да ги објават предлог-документите (анекси, акциони планови) кои се разменети помеѓу Софија и Скопје по однос на Договорот. Тогаш низ сериозна дискусија ќе се знае дали има достоинствен излез од овој ќорсокак, дали некој на Македонија и спрема ново анекс-предавство, и кој ќе поднесе оставка затоа што нефункциониот Договор наместо датум ни донесе вето на патот кон ЕУ“.
Според Милошоски, јавноста има право да знае што власта преговара со Бугарија и оти после Василица крајно време е да паднат маските.







