Во денот кога Усаин Болт неславно ја заврши најславната спринтерска кариера, светот ја доби најуспешната натпреварувачка на сите времиња на Светските првенства. Тоа е 32 годишната Американка од Лос Анџелес која заедно со Браун, Ејкинсон и Бауи победи во штафетата 4 пати по 100 метри на СП во Лондон. Ова за Алисон Феликс беше 10 мундијалско злато и 15 медал вкупно, со што ги мина токму Болт, но и Мерлин Оти од Јамајка односно Словенија кои останаа на по 14.
Долговечната Феликс која прв пат на големите натпревари се појави како 18 годишна тинејџерка има и шест златни одличја од Олимписките игри и плус три сребра. Таа низ пребогатата кариера имаше широк дијапазон на настапи, од 100 и 200 метри преку 400 метри до штафетите на двете делници, а има и среќа што е дел од секогаш конкурентната американска екипа.





