Илјадници приврзаници на американскиот претседател Трамп, кои вчера најавија дека „никогаш“ нема да го признаат поразот, ја опколија зградата на Конгресаот во Вашингтон, кршејќи го полицискиот кордон пред главните скали на влезот и влезот во зградата на парламентот.
Си-Ен-Ен јавува дека никогаш порано не се случило демонстрантите да влезат во зградата на Конгресот.
Се предупредува дека ситуацијата е надвор од контрола и дека демонстрантите ја спречуваат нормалната постапка за потврдување на изборната победа на Џо Бајден на претседателските избори.
Полицијата распоредува дополнителни сили и се обидува да ја врати ситуацијата под контрола.
Претходно денеска Трамп им се обрати на демонстрантите во паркот во близина на Белата куќа, каде Џо Бајден се очекува да се всели по две недели.
Трамп рече дека „никогаш“ нема да го признае поразот.
„Никогаш нема да се предадеме. Никогаш нема да признаеме „пораз“, им порача Трамп на своите приврзаници пред Белата куќа.
„Убедливо победивме на овие избори“, рече тој.
Вкупно 535 членови на Конгресот – од Сенатот и од Претставничкиот дом – ја започнуваат својата седница во еден часот попладне по локално време.
Со седницата претседава сегашниот потпретседател на државата и претседател на Сенатот, Мајк Пенс.
Ова е една од последните процедури за проверка на резултатот од изборниот процес во Соединетите држави, што е пропишан со американскиот устав.
Според резултатите од Изборниот колеџ, кои беа усвоени од тоа тело на 14 декември, беше потврдена изборната победа на демократскиот кандидат Џозеф Бајден над републиканскиот кандидат и сегашниот претседател Доналд Трамп.
Врз основа на тие резултати, новоизбраниот претседател Бајден освои 306 изборни гласови наспроти 232-те на Трамп, објави Гласот на Америка.
Поврзана вест
Поддржувачи на Трамп се обидуваат насилно да влезат во Конгресот на САД (ВИДЕО)





