„Пописот треба да се спроведе затоа што е обврска и заради тоа што сме единствена држава во Европа која нема направено попис, заедно со Сомалија и не знам кои други држави. Срамота е после 18 години уште да правиме експеримент дали треба да има попис во државата или не“ изјави денеска премиерот Зоран Заев.
Како што објасни, тој што е иселен повеќе од една година се смета дека не е резидент и „на пописот ќе пишува дека е иселен повеќе од една година, тој дел ќе важи сите етнички заедници“.
„Во Република Македонија е дозволена бипатридност, односно двојно државјанство и секој што е граѓанин на државата е нејзин државјанин. Прашање е само дали живее тука или е иселен повеќе од една година. Тој што е иселен повеќе од една година се смета дека е нерезидент и се попишува како граѓанин на Северна Македонија иселен повеќе од една година.
За барањата и забелешките на опозициската ВМРО ДПМНЕ, Заев вели дека понекогаш се нерационални, но земјава преку донации ќе побара најмалку 5.000 апарати за отпечаток на прст.






