„Од самиот старт на откупот, ние сфативме дека ова е игра. Значи, се земаат квалитетни тутуни во пониски класи, одбитоци од огромни 10 проценти, динамиката е слаба на откуп…ланската година се откупуваа по 1.200.000 кг на ден, а сега по некои 400-500 тони на ден. Затоа ние се одлучивме за протест пред Владата за конечно да каже премиерот дали има решение за нашите проблеми или нема“ – вели Игор Мирчески, од ИО на незадоволните тутунари кои денеска пред Влада го искажаа незадоволството од неисполнетите ветувања на владата на СДСМ која четири години ги дава пред секој изборен циклус.



Тутунарите бараат итно укинување на четвртата класа, како и сигурен откуп на вишокот тутун што е произведен.

„Апелирам до министрството новиот закон да го повлече, вишок тутун нема, надворешен тутун има, полна е Македонија со тутун од надвор, а они викаат нема 1.800 килограми само. Зошто го увезуваат нека ни го дадат ние да го садиме тој тутун, а не да внесуваат кој колку сака“, рече Џевад Сали- тутнопроизводител.

Поддршка на тутунопроизводителите на протестот дадоа и лозарите велејќи дека земјоделството е најнеценет сектор.