Османи со „Иницијатива 8“ до Софија и Тирана

Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, упати писмо до министерките за надворешни работи на Бугарија и Албанија, Екатерина Захариева и Олта Џачка, преку кое упати предлог за нова, мултидисциплинарна иницијатива преку која би се интензивирала и продлабочила меѓусебната соработка, како стратешки интерес за трите држави.



„На основите на нашата интенција за забрзување на инфраструктурните, енергетските и комуникациските инвестициски проекти долж Коридорот осум, да изградиме политичка платформа која ќе претставува дополнителен форум за унапредување на меѓусебната соработка, интензивирање на политичката, економската, безбедносната, културната и општествената размена, што секако ќе резултира и со зајакнување на довербата меѓу нашите народи, како основен столб во изградбата на взаемното долгорочно пријателство” пишува во писмото на Османи до Захариева и Џачка.

Основна цел на „Иницијативата 8″ и нејзин темел ќе претставува трилатералната координација и соработка за поддршка на инвестициските проекти долж Коридорот осум. Отстранување на причините за постојаното одложување на овие проекти ќе претставува позитивен импулс за дополнителна политичка, економска, безбедносната, културна и општествена соработка меѓу трите земји; ќе има соодветен придонес и во унапредувањето на севкупната соработка и зајакнување на безбедноста во регионот, а ќе има особено влијание и врз заедничката цел за европските перспективи на целиот регион.