Пожарот, кој избувна синоќа по 23 часот во Трговскиот центар „Глобал” во Струмица е изгаснат рано утринава, а на одредени места во внатрешниот дел, каде се сместени поголем број тезги и продавници се уште тлее оган и повремено се појавуваат мали пламени јазици, јави МИА.



Според првични сознанија, изгореле повеќе од десет продавници, внатрешниот дел каде е сместен пазарот и тезгите во најголем дел е изгорен, зафатен е супермаркет во внатрешноста, а пламените јазици зафатиле и делови до третиот кат од трговскиот центар.

Забележливи се купишта изгорен материјал, стока и вода на сите страни, а местото го обезбедува екипа на Територијалната противпожарна единица од Струмица која интервенира на места каде се појавуваат пламени јазици и внимава да не се активира и прошири огнот.

Градоначалникот на Струмица Коста Јаневски рече дека материјалната штета е голема, а за среќа нема повредени.

Тој информира дека ноќта во гаснењето учествувале и противпожарни екипи од околните градови и возила на ЈПКД „Комуналец”.

Според очевидци, пожарот започнал од првиот дуќан и веднаш се проширил. .

Местото на пожарот го обезбедува полицијата. Засега не се знаат причините за пожарот, во кој е причинета голема материјална штета.