Околу 23 часот и 30 минути граѓани на Струмица забележале пожар во трговскиот центар „Глобал“ во центарот на градот.
Пожарот, според последните информации, сè уште е активен во внатрешноста на објектот и пожарникарите не можат да го изгаснат.
Според информациите што ги објавуваат локалните медиуми, пожарот пламнал во продавницата „Џо-Го“, по што тој се проширил во соседните дуќани.
Струмичката противпожарна единица и комуналното претпријатие се обидуваат да го локализираат пожарот. Вечерва кон Струмица тргнале и повеќе противпожарни возила од соседните градови на Струмица.
Локалните медиуми јавуваат дека материјалната штета е огромна, но нема информации дали има настрадани во објектот кој бил целосно затворен.
Телевизија ВИС од Струмица во живо јавува за ситуацијата во Струмица на овој линк
https://www.facebook.com/watch/?v=135708238364373
Трговскиот центар „Глобал“ стана познат за пошироката јавност во 2005 година откако Јавното Обвинителство поради сомнеж за криминал при изградбата поднесе кривична пријава против тогашниот градоначалник на Струмица Зоран Заев кој беше приведен.
Подоцна сегашниот премиер беше ослободен со аболиција на тогашниот претседател Црвенковски и нему никогаш не му беше судено за случајот.






