Директорката на УЈП, Сања Лукаревска денеска уште еднаш апелираше до компаниите кои не ја исплатиле ноемврската плата на вработените, а земале финансиска помош од државта, добиле опомени и рок од една седмица да исплатат.
„Бројот на фирми кои не ја исплатиле ноемврсиката плата на вработените, а имаат земено финансиска помош од државата, се намалил од 29 декември до 31 декември. На сите компании кои не ја исплатиле платата, им е врачена опомена, и рок од една седмица. Во спротивно ќе следува присилна наплата, со блокада на сметките и префрлување на средства на вработените“, рече Лукаревска на денешната прес-конференција.
Лукаревска истакна дека има и неколку фирми кои не ја исплатиле и октомвриската плата, иако земале финансиска помош, и за нив ќе следуваат соодветни санкции.
Најголем број од фирмите кои не ги исплатиле платите се од Скопје, Тетово и Гостивар.






