„Зоран Заев и СДСМ не сакаат да спроведат попис, туку да исполнат преземени политички концесии“ рече денеска на прес конференција пратеничката Иванка Василевска од ВМРО-ДПМНЕ.
Според неа, како што рече, Зоран Заев и СДСМ се упорни да ја сокријат методологијата и анализата на пописните резултати од јавноста, и токму затоа не прифатија методологијата да биде дел од законското решение.
„Таков попис како опозиција и како ВМРО-ДПМНЕ нема да признаеме. Тоа сега е кристално јасно по одбивањето на буквално сите амандмани на собраниската Комисија за европски прашања. Не е прифатено главното барање на ВМРО-ДПМНЕ, а тоа е при пописот да се користат читачи на отпечатоци на прсти. Одбиени се сите амандмани кои што значеа прецизирање на поимите „Место на живеење“, „Официјално место на живеење“, „Вкупно население“ и други поими, предложен со цел утврдување на поимник за значењето на одделни изрази во законот“, рече Василевска.





