Единаесет печатени медиуми ќе добијат од владата 480.000 евра во рамки на Програмата за поддршка за печатење и дистрибуција на печатените медиуми, која се реализира трета година по ред.
До Владата стигнале 14 барања но, Комисијата формирана од владиниот Генерален секретаријат одобрила 11, објави 360 степени.
„Комисијата донесе одлука врз основа на доставените барања и комплетната документација, согласно јасно дефинирани критериуми. Висината на одобрената поддршка е утврдена врз основа на доставените фактури за календарската 2019 година, а е дефинирана со договор потпишан помеѓу Генералниот секретаријат и избраните корисници врз основа на Записник за евалуација и Извештај на одобрени барања“, соопшти владината прес-служба.
Финансиска поддршка е доделена на оние печатени медиуми кои ги имаат исполнето сите обврски кон државата и кон вработените за 2019 година.







