Крајната цел на заедничките комисии со Грција и Бугарија е преку ревизијата на историјата да се легитимира тврдењето за непостоењето на македонскиот народ и нација, како продукт на фалсификуваната историја конструирана во време на Титова Југославија, вели во интервју за МКД.мк Митко Б. Панов, редовен професор на Институтот за национална историја.
Коментирајќи ги актуелните случувања во државата со преговорите со Бугарија и најавениот нов концепт во основното образование, тој вели дека ништо не е случајно и дека на крај сѐ се сведува на лишувањето на правото на Македонија на историското наследство поврзано со Македонија, што ја вклучува и сопствената територија пред 1944 година, а за најавеното укинување на предметот историја вели дека всушност е мотивирано од моќта на политичките убедувања и категорични блокади и условувања.
На прашањето за најавената реформа во основното образование и предлогот да се обединат историјата и географијата, професорот вели:
“Можеби најсоодветниот одговор би произлегол од зборовите на Черчил изречени пред Долниот дом на британскиот парламент пред 70 години, дека „само со проучување на минатото, можеме да ја предвидиме иднината… само со почитување на минатото можеме да бидеме достојни за иднината“. Исто како и Черчиловата порака дека „нацијата што го заборава сопственото минато, нема иднина!“ Зборови што се посебно релевантни за актуелните македонски состојби, а кои во крајна линија упатуваат дека нацијата што си го брише минатото, не заслужува да има држава!
Токму на тоа предупредувам, како и моите колеги – историчари низ целата земја, како реакција на најавените образовни реформи. Со промовирањето на новиот концепт за основно образование, предметот историја станува минато. Исто како и учебниците по историја, кои во моментот на официјализирањето на концептот, ќе станат историја сами по себе и артефакт за некогашната историја на македонскиот народ и нација. Тоа впрочем никој не го негира, вклучително и промоторите на концептот, кои со интегративноста/интердисциплинарноста/модуларноста, само го замаскираат чинот на укинување на предметот историја, што е без преседан. Националните курикулуми на балканските земји, како и на развиените земји на кои промоторите самите се повикуваат – Финска, Велика Британија, Словенија и многу други – не само што го изучуваат предметот историја како посебен, туку ja нагласуваат исклучителната важност на неговото изучување од аспект на градењето на идентитетот на учениците и идентитетот на нацијата.
Доколку предметот историја во европскиот образовен систем и во националните курикулуми има за цел да го гради идентитетот на ученикот, а со тоа и неговата свест за нацијата, се поставува прашањето кому и зошто му е потребно укинувањето на историјата како посебен предмет! Промоторите на концептот по критиките во јавноста се обидоа да дадат одговор зошто Финска, која беше посочена како модел, сепак го има предметот историја во наставните програми? Одговорот беше дека Финска имала повеќе часови настава!?
За да биде апсурдот поголем, беше соопштено дека предметот „општествени науки“, кој ќе ги замени предметите историја, географија и многу други, бил назив што всушност ќе претрпи измени за да биде „посоодветен“. Но новоконструираниот и засега погрешно именуван предмет нема да претрпи концептуална промена, од аспект на неговата клучна цел – интегрирање на „традиционалните содржини од историјата, општествената географија, граѓанското образование, религиите, етиката итн…“. Веројатно во брзањето, промоторите не стигнале да додадат уште некоја дисциплина, па оставиле со три точки за да ги додадат во иднина, што само по себе го илустрира минимизирачкиот однос кон историјата. Да не зборуваме дека интегрирањето на сите наведени дисциплини во еден предмет е непозната практика во европските образовни системи, од едноставна причина што тие се неспојливи”.
“Бугарските политичари можат и да се разберат, бидејќи реализираат свои политички агенди и долгорочни стратегиски цели. Впрочем, ништо не е променето од 19 век, или од 60-те години од 20 век, кога Тодор Живков ја промовира политиката на демакедонизација на Пиринска Македонија, а веднаш потоа преминува и кон демакедонизација на СР Македонија. Оттаму, јас не можам да ја разберам крајната инфериорност на македонскитe политичари. Доволно е само да ги прочитаат стенограмите од средбите на Крсте Црвенковски со Тодор Живков за да согледаат како се бранат националните интереси”, вели професорот во разговорот.
Целото интервју во кое Панов зборува и за односите меѓу македонските и бугарските комунистички лидери пред 50 години на мкд.мк
Поврзано
Обвинуваат дека Македонците се комунистичка творба а молеле да станат Московска прчија
Кога шефот на Борисов сакаше Бугарија да стане дел од Советскиот сојуз






