На денешната собраниска седница пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова истакна дека Собранието не може и не смее со закон да реши начин на решавање на спор.



Собранието со расправа за Предлог на закон за решавање на спорот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Макпетрол АД Скопје по пат на спогодба, по скратена постапка,  ја продолжи денешната работата по дневниот ред на 20. седница.

Законот кој се донесува по скратена постапка предвидува да му се признае на Макпетрол сопственост на 50 отсто од гасоводот во земјата и да му се исплати цена од 33 милиони евра.

„Вакви текстови делуваат шокантно и јас не можам да ги наречам закони. Што клетва, си велам, беше тоа, кариерата да ја завршам со читање вакви текстови? Ова е еден од оние закони во серијата на убиство на правото, правдата и етиката.

Ова што е пред мене е акт кој не знам како да го именувам. Меѓутоа, нашата функција треба да биде квази-судска, пара-судска, тоа некои мои колеги би го нарекле надриписарство. Бидејќи да преземе од судските власти и од арбитражите случај и од тоа да направи закон е невозможно.

По овој закон би можело да следи и закон за решавање на спорот меѓу господата Заев и Мицкоски на пример, бидејќи тоа е „интер партерс”. Или може да следи серија на закони кога утре ќе имаме не знам со Телеком на пример, ЕВН и така натаму, што е недозволиво во правото. Значи не може да има закон за решавање на спор. Споровите се решаваат пред судовите или со арбитража. Значи не смее Собранието да прерасне во пара-судско тело“ истакна професорката Силјановска-Давкова.

Според неа Собранието може да донесе одлука, а не закон, во која ќе утврди начин на решавање на некои проблеми.

„Меѓутоа со закон да решавате спор значи кршење на принципот на владеењето на правото, кршење на принципот на поделба на власта, мешање во судската власт и мислам нема да ни служи на чест.

Јас очекувам, доколку го изгласате овој закон со гимнастичка рачна вежба, претседателот на државата да се одважи и да стави вето“ – рече Силјановска-Давкова..