Ниту ВМРО-ДПМНЕ, ниту партиските функционери не ги организираа протестите на „Заедничка Македонија“ а подоцна и упадот и насилствата во Собранието што се случија на 27 април 2017 година, сведочеше денеска , Христијан Мицкоски, кој се појави како сведок на судскиот процес против организаторите на упадот.
„Тоа што го кажав во судница е дека народот тој ден, а не само тој ден, туку и неделите и месеците претходно се самоорганизираше. Бројката варираше од неколку стотини до неколку илјади присутни. На дел од тие простести, кога можев, бев и јас. Протестиравме против погрешните политики во најава кои огаш беа актуелни во државата и ценам дека на тој начин е демократско право во секоја демократска држава да се изрази револт и протест против определени девијантни однесувања на политички партии. Во случајот то беше СДСМ и сето она кое во тој период СДСМ го најавуваше“, изјави Мицкоски по рочиштето.
„Ова е самоорганизирање на народот во тој период. Овде е очигледно дека станува збор за монтиран политички процес кој има единствен цел да нанесе штета на ВМРО – ДППМНЕ, процес кој има цел да врши политички терор врз членовите и симпатизарите на ВМРО-ДПМНЕ.
Политички процес од кој некој профитираше а некој загуби. Јас ценам дека по 27 април сериозно загуби ВМРО-ДПМНЕ, а веднаш по тие настани СДСМ и Зоран Заев направија Влада.
Никако тој што загуби од тој процес не може да биде инспиратор, сценарист и оперативно да го спроведе.
Јас би се задржил на тоа кој профитираше и кој имаше бенефит од сето тоа . После тој ден ништо не е исто“, рече Мицкоски.
Извор: VOA






