За влез во ЕУ се 80 отсто од македонските граѓани, но за 26 отсто тоа нема да биде никогаш

И покрај сите пречки и блокади, 80,1 проценти граѓани на Македонија го поддржуваат членството во Европската унија, покажува истражувањето на Европскиот фонд за Балканот (ЕФБ) направено есенва.



Против влез во Унијата се изјасниле 15,5 отсто од 1.030 македонски учесници во анкетата насловена „Западен Балкан во време на пандемија“, а 4,4 отсто одговориле со „не знам“.

Иако и понатаму висока, меѓу шесте земји од Западен Балкан оваа поддршка е поголема само од Србија, каде што за членство во ЕУ се 64,1 отсто граѓани. Најголема е поддршката во Косово со 94,9 проценти, па во Албанија со 91,1 отсто, во Црна Гора таа е 83,2 отсто, а во Босна и Херцеговина е 81,4 отсто.

На прашањето „дали мислите дека членството во ЕУ ќе се случи во следните 5/10/20 години или никогаш“, најголемиот дел или 25,7 проценти од анкетираните во Македонија одговориле „никогаш“. За 24,9 отсто тоа ќе се случи во следните 5 години, за 21,1 отсто во следните 10 години, за 14,8 отсто во следните 20 години, а 13,5 отсто не знаат или одбиле да одговорат.

Поголеми песимисти од граѓаните на Македонија околу членството во ЕУ се Србите со 32,7 проценти уверени дека тоа нема да се случи никогаш, а во БиХ така одговориле 28,1 отсто од прашаните. Во Албанија така се изјасниле 20,9 отсто од анкетираните, во Црна Гора 9,8 отсто, а во Косово 8 отсто.