Модерните нации се настанати од војна, а Македонците од инает – Мартин Атанасовски

Пишува: Мартин Атанасовски
Автор и истражувач
Дипломец на Монтклер универзитетот



Сево ова што го прави Бугарија изминатиов период води до за нив мошне посакувано доживување на национална катарза. Тоа, сметам им е потребно, за цел да си ги реализираат нивните махинации за контролирање или имање удел во полугите на политичките интеракции во овој дел од балканот, односно во Македонија.

Меѓу другото, политичките победи под национално знаме кои се извојувани преку поразување на другиот се енергенс на етнонационализмот, кој како социолошка појава има потреба да се храни со вознесот и егото што самиот ги произведува. Доколку нема победи – историите, митовите, топорот – тлеат можат само да тлеат во мочуриштето. Затоа нациите играат фудбал.

На секој жител на Македонија треба да му биде јасно дека граѓанскиот концепт што е величен низ Европа може да постои само под закрилата на силен национализам. Земјите од западот се во предност по тоа прашање затоа што кај нив наместо сортата на балкански етно национализам, постои поприлагодлива сорта на така да речам, патри-национализам.

Со други зборови, луѓе од разно потекло можат да ги негуваат и да се соблазнуваат со емоциите за земјата и народот во неа, а без притоа да чувствуваат предавство на нивното етничко потекло.

Токму поради овие причини Македонија е предмет на политичка нестабилност. Во земјава живеат луѓе кои одат дотаму да го негираат етнонационалното јадро на државата затоа што самите недоволно се пронаоѓаат во него или пак одбиваат да се пронајдат и во него конструктивно да придонесуваат по разни основи.

Политичката нестабилност не ја создаваат само партиите на релација власт-опозиција и етничките албански партии со барањата чија цел е да се постигне она погоре.

Во политичката нестабилност кај нас придонесуваат и надворешните играчи, како Бугарија, кои спремно фрлаат пари за да придобијат критична маса на луѓе кои се појдовно незадоволни од македонската држава како систем и апарат на владеење, што поради инат, што поради лични а перцептивно немили искуства за кои верувам повеќето сме ги имале.

Нациите над племињата

Нациите претставуваат социолошки ентитет кој е неколку нивоа погоре од племенско-клановските династии во антиката.

Претседателот на Франција Шарл де Гол еднаш рекол, „како ќе водиш земја во која има 246 различни сорти сирење?“ Тој всушност сакал да каже дека францускиот народ, кој говорел на мноштво различни дијалекти (па дури и јазици), и кој има толку толку многу различни табиети (локални идентитети), морал да биде ставен во колку е можно поеднообразен национален калап.

Ова претседателот на Франција го кажал во не толку далечната 1962, што е индикативно на фактот дека во поново време, современите нации се конструирани повеќе од горе надолу отколку од доле надолу – како што било случај со процесот на национално осамостојување во Македонија во 19ти век.

Со други зборови, општествениот ентитет и идентитет „нација“ е нешто што се кали и прекалува безмалку секојдневно. Не залудно постои дисциплина во политичката практика која се нарекува nation building, односно, „народообразба“.

Гледате, државите не можат да постојат без да постои нација, а нацијата, меѓу другото, е и множество во кое се збрани и кодифицирани наречјата, симболите, пишаните и кажаните традиции, обичаите, историските сеќавања, и така натаму.

Според кажаното, и јас лично чувствувам тоа дека нема простор за грижи или пак за сомнежи дека нашава нација била измислена односно создадена од некој друг – како што милуваат да општат бугарските политици и сеуште актуелните соседски пропаганди – просто затоа што, нема нација што не била стилски концепирана и натемелена врз почвата од една општа народна маса, чии поединци и цели села дотогаш си терале секој по свое.

Во секој случај, насловот на мојот напис стреми да се осврне на непобитниот факт дека војната била (а се чини и сеуште е) првобитен калап во создавањето на денешните нации.

Балканските нации низ војната

Да се осврнеме на нашево соседство. Секоја од државите што не опкружува била втемелена врз поголема маса на луѓе. Се служам со зборот „темел“ во однос на создавањето на нацијата, не е само фигуративно туку и фактички – затоа што „темелење“ е брутално реален исказ за потиснувањето на илјадници луѓе со цел да се порамнат природните етно-антрополошки и јазични различности што постоеле на балканот.

Создавањето на државите на соседните народи не можело да се случи без да се создадат национални армии. Ова секако било возможно исклучиво со помош на големите сили (западот и Русија) кои си зеле под закрила своја територија, односно свој народно-јазичен ентитет, со цел да го опремат за војување против Османлиската империја, а подоцна и како своја испостава во геополитиката на регионов.

И македонците биле поддржани со оружје, но тоа било предоцна, многу подоцна од веќе извојуваната независност на Бугарија, Грција и Србија. Македонија заостанала во тој поглед поради еден прост географски факт. Во оваа ридско-планинска земја (⅔ од територијата) пратениот збор многу бавно доспевал до одредената цел.

Иако од соседството, и од поединци што живеат во оваа земја, одамна се подметнува и пропагира тезата дека македонците не биле воинствен народ, тоа паѓа во вода затоа што ниеден претходно покорен народ одеднаш не станува воинствен кога наспроти себе има имеријална сила која располага со огнено оружје и топови.

Кога во центрите на моќ се заговарало создавањето на новите балкански држави, во секоја биле одбрани градови што се лесно достапни – рамничарските, некогашни минијатурни гратчиња Белград и Софија и пристанишниот реон на Атика, затоа што до таму лесно се доспевало на коњ или со брод, додека Македонија била земја зад седум ридишта и седум планини, или со други зборови, далеку понедостапна за непречено опремување на армија.

Нејсе, народните армии на балканските држави што биле создадени со помош на големите сили претставувале машини за национализација на се она што претставувало раја. Кога се спремале овие не-случајно збрани војски за војните кои им претстоеле, тие мобилизирале цели села и десетици илјади луѓе со цел да се обезбеди храна, облека и разни залихи за фронтовите. Така војната станува проект на создавање на балканските нации.

Сиромашните селски деца, босоноги и неписмени, се подмочувале од радост кога некој војник ќе им дадел значка со грбот на државата – оние средновековни грбови кои по неколкувековниот османлиски заборав биле враќани од своите архивски гробови. Колку и да се минорни и чинот на дарување смешен, тогаш значките претставувале валута во купувањето на верни припадници на нацијата. Потоа се пишувале политички памфлети за учените, се ветувале пазари на трговците, и богата и славна иднина за селаните.

Воедно, модерните нации се калеле прво преку освојувачките махинации а потоа низ крвта што била пролеана во обидот истите да се остварат.

Народен инает наместо народна војска

Само Македонците се настанати од инает. И тоа бива. Реков дека македонците не добиле своја закрила од некоја од големите сили. Впрочем, историските податоци сугерираат дека на некои од големите сили воопшто не им одговарало да постои независен македонски народ, со цел да не бидат нарушени нивните освојувачки проекции преку машите што биле соседниве новонастанати и нововооружени држави.

Кога се омоќиле тие народи во своите држави, тие веднаш почнале да работат на рекултивирање на македонците според нивните национални аршини. Тоа ни е познато и не мора да се навлекува во црковните и „просветителските“ пропаганди што ги лансирале сите три соседи, но важно е да се забележи фактот дека Македонија била оставена како географска целина и делови од таа земја не впаднале во нацртите за државо-создавање на соседните земји.

Ова е индикативно на многу нешта, а најмногу на тоа дека во Македонија живеел сам и за себе познат свој народ, кој нормално, како и секаде, дели заеднички особини со секој народ со кој се граничи. Македонците немале своја национална војска но имале свој национален инает, па така, ќе заклучам дека националниот идентиет ја утврдил својата самосвест преку отпорот и неволието што македонците им го пружале на соседните пропаганди и пропагандисти – од попови до учители до агенти.

Ниту една пропаганда не е замрена, туку напротив. До денешен ден некој агитира за да биде ослабен македонскиот народ, за да нема македонска нација во современа смисла на поимот, и за да може да постои само слаба, неорганизирана држава која се јаде самата одвнатре до следниот поголем финансиски или политички крах.

Државата и народот ги јадат и поделбите, и лутите јазици и несвесните или предадени поединци кои крадат од општото добро, кои намерно и свесно создаваат национален неспокој и разочарување и на тој начин го спуштаат гардот за Македонија да ги прима ударите, како оние што денес изречито доаѓаат од страна на Бугарија.

Во меѓувреме, впечатокот е дека ЕУ крева раце и од овој наметнат спор. Како и пред еденипол век така и денес, големите сили за Македонија можеби имаат само симпатии, но не и решителност да застанат на страна на правдата, на страната на меѓународното право, и да сторат тоа што треба да се стори. Секако, тоа останува на самиот народ.

Сите случувања на домашната сцена, како и случувањата внатре во семејствата, како и прашањата што го демнат секој поединец – го разоружаа народот од психолошкиот елемент на отпор за кој сметам дека е почетна точка на создавањето на нацијата, а не војната.

Инаетот бил причина што една македонка за време на цивилната војна им пружа отпор на грчките жандарми кои подоцна ја измачувале во подрум и ѝ го извадиле окото; инаетот е тоа што ја натерало мајката на мој пријател, по потекло од воденско, да направи скандал со тоа што и влепила шамар на некоја продавачка во градот кога таа почнала да ѝ се заканува затоа што зборувала македонски; инаетот е тоа што го натерало некој старец во едно скопско-црногорско село да му излезе со секира во раката на агентот на српската држава (според Јован Павловски); инаетот е поривот што не им дозволил на дванаесетте деца од Ваташа да ги предадат партизаните на бугарскиот окупатор.

Ова се примери за инает против неправдата, во име на правдата.

Денес инаетот треба да заземе други облици, освен пишување статуси и колумни. Националниот инает, што е цивилизациско негодување против неправдата што ја нанесува денес Бугаријa со нејзините поразителни барања, треба да се одрази во реалната сфера – онаму каде што луѓето живеат, каде што пазарат, каде што пешачат, онаму каде што некои трети луѓе одлучуваат и заговараат за судбината на оваа земја – нашиот дом.

Власта, се чини, чека и се надева на политичка интервенција од бога, а опозицијата организираше протести против власта без да искаже негодување кон оние што се навистина одговорни за поразителните барања, и така, бламот е очебиен и го крати ветерот што природно оди накај едрата на уметниците за тие да можат сотворат разни апстракции против неправдата, како јавен чин на отпор; можеби затоа поетите не поетизираат против неразумот и против хипокризата, музичарите немаат дух за да ја отсвират „Ода на радоста“ пред центарот што нé сака, ама нé нејќе… додека илјадници други во оваа земја веќе немаат на кого да се огледаат па затоа повеќе „не се ни замараат“.

Припадниците на новата македонска емиграција што ја има низ цела Европа и во други делови во светот, веројатно се сметаат за мошне умешни и снаодливи што успеале да се „евакуираат“, не од брод што тоне туку од брод што е на отворено море, на проколнато но возбудливо крстарење.

EU de toilette

По определување сум ЕУ-ентузијаст, односно сум она што е спротивност и антитеза на евроскептицизмот. Од друга страна, тоа што ѝ го прави Бугарија на Македонија е олицетворение на евроскептицизмот. Во македонската трагедија работите се јасни како ден.

ЕУ едноставно мора да се обедини во име на меѓународното право. Бугарија едноставно нема правен основ врз кој може да формално да го оспорува правото на самоидентификување на друг народ. Но за да дојде до тоа, потребен е добар импулс.

Проблемот може да се реши лесно: собранието ќе изгласа закон кој забранува вооружана агресија на Македонија кон Бугарија во следните 1000 години – затоа што на Бугарија и требале гаранции против територијална експанзија(!!). И тоа е огледало на неразумот – стокмено како куриозитет за странскиот печат.

Останатото, историјата, во контекстот на овие две земји, претставува банална играчка што нема апсолутно никакви импликации врз управувањето на државата. Македонија и Бугарија треба да го спуштат гардот, да ги почитуваат меѓусебните разлики и да му дозволат на народот да се дружи, без националистички претензии. Лесно може да се прославуваат народни херои и без строги договори. Може да си кажеме, „повелете на гости“, па да положиме цвеќе и зборуваме за убави работи.

Бугарија треба да прифати дека македонскиот отпор кон мешањето во туѓата свест е природна реакција. Овде немаат никаква врска ниту српската држава, ниту комунистите, ниту „србоманите“ како што милуваат да објаснуваат по дома Бугарските политици. Всушност, Македонците пружаат отпор уште од почетоците на туѓите пропаганди, а тоа е романтично дејание и белег што не може така лесно да се предаде, затоа што или го имаш, или го немаш.

Бугарија не треба отпорот да го сфаќа лично. Метафорички, тоа е исто кога родител сака своето дете да го вообрази според сопствен калап и по секоја цена, па секојдневно му баботи и бабува за да дојде до својата цел – епа не може така, не дозволуваат законите на универзумот. Децата имаат своја свест и ќе бунтуваат, а веројатно еден ден ќе посакаат да избегаат што подалеку од родителите токму поради тие причини.

Затоа, ако има нешто братско помеѓу народите, неразумните барања треба да стивнат. Доколку човекот е во суштина homo sapiens, тоа се може. Homo politicus секога бара некаков ќар – на сметка на другиот. Тоа е цивилизациската разлика.