Со натпреварите на Шкендија и Вардар односно на Работнички и Ренова денеска ќе биде отворен новиот фудбалски шампионат во земјава. Станува збор за 26. самостојно првенство на Македонија во кое скопските црвено црни влегуваат со ореол на победник од претходните 4 сезони, а тетовските, во истите бои, како сериозен конкурент и предизвикувач. Титулата без сомневање ќе се решава во нивните 4 пресметки, и затоа оваа денеска од 17 часот под Шара може да биде вистински показател за тоа кој што создал, кој колку е воигран и квалитетен, па  и тоа, кој колку се потрошил повеќе низ добрите континентални настапи. Едно е сигурно, колку пред Шкендија и Вардар да стојат такви големи натпревари како оние во Лига Европа следниот четврток против Милан односно Фенербахче, денеска сигурно нема да има штедење. И вториот денешен меч меѓу Работнички и Ренова е од 17 часот како впрочем и утрешните на Победа и Пелистер, на Силекс и Скопје и на Шкупи и Академија Пандев со кои ќе биде заокружено првото коло во Првата фудбалска лига.