Зошто навистина Самсоненко си оди од Македонија

Во јавноста се појавија повеќе шпекулации за вистинските причини за заминувањето на рускиот бизнисмен, Сергеј Самсоненко, кој денска најави дека си заминува од ФК Вардар по крајот на сезоната.



Според писмото испратено до јавноста рускиот тајкун се заминува од Македонија поради  написите во медиумите против него и критиките кои ги добивал на социјалните мрежи.

„Вчеравечер се вратив во Скопје и бев длабоко вознемирен од сето она што го прочитав во медиумите, на социјалните мрежи, порталите…Првото прашање што си го поставив себеси беше со што јас и моите колеги од Вардар заслуживме вакви навреди?Долго време се воздржував да реагирам на навредите што ги пласираа против мене одредени медиуми и поединци… и сакам да кажам, доста е!Никогаш во животот не сум доживеал ваков линч, навреди и омаловажување какво што доживеав во изминативе денови“, стои во писмото на рускиот милионер.

Со оглед на тоа што Самсоненко и досега бил критикуван на социјалните мрежи голем дел од јавноста не верува дека критиките се вистинска причина за негово заминување.

Според дел од шпекулациите Самсоненко си заминува затоа што по освојување на европската ракометна лига шампиони веќе нема мотив да продолжи да работи во Македонија.

Други извори велат дека тој на барање на руската влада заминува во Русија каде што од предходно беше именуван за менаџер на националниот ракометен тим на „Зборнаја“, а некои тврдат дека тој по договорот за соработка со ЦСКА од Москва сака да влезе во битка за освојување на европска фудбалска титула.

Дел од приврзаниците на опозицијата тврдат дека Самсоненко заминува од Македонија поради притисокот на СДСМ врз рускиот бизнисмен кој пред една година изјави дека за ФК Вардар и двата ракометни тимови годишно трошел по 8 милиони евра.