Премиерот Зоран Заев говорејќи за актуелниот спор со Бугарија, вели дека е согласен ако треба уште еднаш да се дефинираат работите коишто се напишани во Договорот, а тоа е немешање во внатрешните работи вклучително и малцинските права затоа што тие се решаваат на меѓународно ниво пред Судот за човекови права.
„Реално, подготвен сум иако имам критики во домашната јавност, на спомен-плочите каде што пишува бугарски фашистички окупатор да остане само текст фашистички окупатор. Во духот на пријателството треба да внимаваме и како што Полска и Германија го решија проблемот или како што тоа го направија Германија и Франција, да гледаме низ призмата на пријателството’, истакна Заев.
„Треба да продолжиме со Бугарија, да правиме напори, и како што ме охрабрија неколку земји од ЕУ, зборувам како Зоран Заев, предводник на нашето македонско општество со сето тоа што го направив во изминатиот период, одржувајќи европски лекции овде, во душата и срцето на Балканскиот Полуостров, среќен сум што се уште останало европско во Европската унија преку овие чекори што се преземаа овие неколку денови.
За нас Европската Унија е светост, нашата европеизација ја сакаме со постигнување европски вредности дома и ние тоа ќе го правиме со блокади или без блокади“, рече премиерот.





