Одмаздата на „петкашите“ по историја – Пишува Роберт Димитриевски

Шампиони се по фрлањето коски за глодање на јавноста, нема што. За да не се постават вистинските прашања – зошто Македонија катастрофално се справува со коронавирусот, зошто економијата тоне, а уште побрзо животниот стандард, зошто секој што може ни секунда не размислува за да се исели, зошто државата пука по сите шевови – ај ќе се занимаваме со историјата како наставен предмет.



Мислеа, мислеа и на крајот смислија „генијален“ план за да отепаат две муви со еден удар. Укинувајќи ја историјата како посебен предмет во основното образование и деградирајќи ја со сведување на дел од новиот предмет „општествени науки“, решен е проблемот со Бугарија. Нема ли историја, нема ни несогласувања за историски личности и периоди, па нема ни потреба за Мешовита комисија за историски и образовни прашања! И, оп – „Еуропа здај“.

Добро, де, нема целосно да ја снема историјата, но како дел од заеднички предмет со географијата и со граѓанското општество ќе мора драстично да се намали материјата што ќе се изучува. Што има учениците да се „бафтаат“ со античкото минато на Македонија или, не дај боже, со Цар Самуил, со преродбениците, со илинденците или со Втората светска војна, за кои постои разногласие со соседите?

„Фино лепо“ ќе си учат децата за неспорниот период по 1944 година или за тој по осамостојувањето на државата, а најдобро само за историјата на „Северна“. За неа барем ем нема да треба повеќе од еден училишен час, и тоа од овие од онлајн наставата во траење од 30 минути, ем никој нема да ја оспорува. Со тоа, и вратата на „рајот“ (Европската унија) широко ќе ѝ се отвори на северната недојдија.

На „петкашиве“ по историја, за каков што се пофали премиерот Зоран Заев во интервју на радио неодамна, очигледно, ептен им се допаѓа сопствената слика за авангарда во светски рамки. Мора да им изгледа многу кул и секси да се биде пред времето. Додека сите други на Балканот и пошироко не отстапуваат ни за јота од својата претстава за тоа кои се, што се и со какво наследство, овие ќе оделе сто чекори пред нив, па на изумот со косите црти за националноста ќе додавале нов – народ без историја или, во „најдобар“ случај, со историја на лажиче.

„Напредњациве“, всушност, однапред се одмаздуваат за своето место на буништето на историјата, па со време се обидуваат да ја укинат. За да не се чудат македонските ученици во иднина што толку им згрешил сопствениот народ на овие, па експериментирале и си поигрувале со сè што него го прави тоа што е. Или, пу-пу скраја било, да повлекуваат паралели со ликови од македонската историја од типот на еден Коте од Руља, на пример.