Онлајн дебата во проектот “Полска – Западен Балкан Заедно кон иднината” открива со што се соочуваат земјите од регионот на патот кон ЕУ но и низа проблеми со кои се соочуваат граѓаните и институциите.
Проектот „Полска – Западен Балкан. Заедно кон иднината“, кој заврши со онлајн дискусија нa крајот на октомври од која expres.mk ви пренесува дел од дебатата, има основна цел да ја потенцира улогата на Полска во процесот на евроинтеграција на земјите од Западен Балкан.
Највлијателната земја од таканаречената “Нова Европа” на Балканот досега не беше перцепирана како сериозен европски фактор.
Учесниците разговараа за улогата на Полска во Берлинскиот процес од перспектива на нивните земји, како и за влијанието на регионалните политики на земјите од Западен Балкан во однос на Европската Унија (ЕУ) и јавната перцепција на ЕУ.
Проектот се спроведува со финансиска поддршка од страна на Министерството за надворешни работи на Република Полска, како дел од грант програмата „Јавна дипломатија за 2020 година – нова димензија“.
Дискусијата беше модерирана од страна на Ана Куровска, Директор за грантови и проекти, а говорници на дебата беа:
Ледион Крисафи, Албански институт за меѓународни студии (Албанија)
Санита Хаџовиќ, Центар за безбедносни студии (Босна и Херцеговина)
Доника Марку, Косовски центар за безбедносни студии (Косово)
Марко Пејовиќ, Центар за демократија и човекови права (Црна Гора)
Марија Ристеска, Центар за истражување и креирање политики (Македонија)
Јелица Миниќ, Европско движење во Србија (Србија)
На Панел дискусијата Ледион Крисафи од Албанскиот институт за меѓународни студии, истакна дека поголемиот дел, односно 85% од албанското општество е заинтересирано за интеграција на Албанија во ЕУ, меѓутоа, повеќе од половина од општеството смета дека Албанија не е подготвена да стане членка на ЕУ. Тоа се должи на недостатокот на владеење на правото, но и поради нестабилните и корумпирани новоформирани институции.
Тој исто така изјави дека примарните реформи за европска интеграција на Албанија се врз основа на правосудниот систем, особено во уставниот дел. Со разрешувањето на судиите со ветинг процесот во судството, Албанија во моментов нема уставен суд, ниту апелационен суд.
Покрај тоа, сеприсутна е недовербата на албанското општество во однос на правосудниот систем.
Загриженоста на Франција, Данска и Холандија во однос на албанските барателите на азил беше надмината со новите мерки преземени од албанската влада. Крисафи ја посочи Полска како силен поддржувач на интеграцијата на Албанија во ЕУ, дури и во времето кога земјата добила вето за преговорите, но и покрај силните политички односи, треба да има унапредување на економските односи меѓу двете земји.
Јелица Миниќ од Европското движење во Србија, изјави дека и покрај изборите во јуни, Србија сè уште нема формирано влада. Претседателот на Србија најавил дека за година и пол од сега, повторно ќе се одржат парламентарните избори, кои ќе бидат заедно со претседателските и локалните избори (белградските избори). Оваа изјава предизвикала незадоволство и со самото тоа се покажало дека владејачката партија и коалиција победиле нерегуларно на изборите во јуни 2020 година.
Во извештајот на Европската комисија за Србија е нотирано дека нема, или постои мал напредок во однос на примарните сегменти важни за интеграција на Србија во ЕУ, како што се реформите во јавната администрација, реформите во судството, владеењето на правото, антикорупциските реформи, борбата против организираниот криминал, слободата на говорот.
Останатите прашања вклучуваат неусогласеност на Србија со декларациите и мерките за европска надворешна политика, како и забавениот развој на дијалогот помеѓу Србија и Косово.
Единствениот напредок забележан од страна на Европската комисија се однесува на економските критериуми и законските и институционалните измени, но со ограничен напредок во делот на јавните набавки, поради недостигот од транспарентност во однос на трансакциите на руските и кинеските компании. Миниќ исто така ја истакна и важноста на улогата на Србија во регионалната соработка, како и фактот дека Србија е поконструктивна на мултилатерално ниво, отколку на билатерално ниво.
Полска е силен поддржувач за интеграција на Западниот Балкан во ЕУ. За тоа говори и нејзиното приклучување во групата Вишеград, претставувајќи се како поборник за европското проширување Покрај тоа, обете земји поседуваат добра взаемна економска и културна соработка.
Санита Хаџовиќ од Центарот за безбедносни студии во Босна и Херцеговина, објасни дека интеграцијата на земјата во ЕУ започнала како процес за мир, бидејќи стабилноста земјата била земена како предуслов за стабилност во целиот регион. Напредокот на Босна и Херцеговина во однос на ЕУ интеграцијата е на значително ниско ниво.
Таа презентираше статистички податоци според кои 60% од граѓаните веруваат дека влегувањето на земјата во ЕУ би немало никакво или би имало негативно влијание врз земјата. Од друга страна, 36% сметаат дека Босна и Херцеговина воопшто нема да стане земја членка на ЕУ. Нивото на систематска корупција кај политичарите е висока, оттука Санита изрази потребата за промовирање на придобивките од членувањето во ЕУ, како и воведување поконкретни чекори коишто би го забрзале процесот на интеграција на земјата во ЕУ. Ентитетите во Босна и Херцеговина остварувале се поблиски врски со Русија и најчесто го следеле српскиот пристап во однос на европската интеграција. На крајот од своето излагање, Санита ја истакна поддршката на Полска преку залагањето во Берлинскиот процес и нејзиното приклучување на иницијативата во групата Вишиград, како и фактот дека Полска учествува во мисиите на Западен Балкан од 90-тите години на минатиот век.
Марко Пејовиќ од Центарот за демократија и човекови права во Црна Гора, изјави дека интеграцијата на Црна Гора во ЕУ е едно од неколкуте прашања во кој постои консензус меѓу сите можни општествени чинители. Владата на Црна Гора ја прифатила новата методологија на преговарачкиот процес, што послужува како платформа за интензивирање на реформските процеси, но и за соработка со земјите членки и граѓаните на Црна Гора. Реформите во земјата се насочени кон зајакнување на владеењето на правото, справување со корупцијата и организираниот криминал, јавната администрација и кон заштитата на основните и малцинските права. На крајот од своето излагање тој ги истакна силните воени и билатерални односи меѓу Црна Гора и Полска, како и поддршката на Полска во однос на интегрирање на земјата во ЕУ.
Доника Марку од Косовскиот центар за безбедносни студии, презентираше статистички податоци кои покажуваат дека мнозинството, или 92% од граѓаните на Косово ја поддржуваат интеграцијата на земјата во ЕУ, додека 62% кои сметаат дека ЕУ има позитивно влијание врз Косово. Примарните прашања коишто ја спречуваат европската интеграција на земјата се корупцијата, бидејќи е присутна во секој сегмент од општеството и (не)владеењето на правото. Марку истакна дека граѓаните на Косово не се целосно запознаени со Берлинскиот процес, бидејќи моменталниот актуелен фокус на земјата е визна либерализација. Реформските процеси и проекти се забавени поради дијалогот помеѓу Србија и Косово и неуспешните обиди за постигнување договор меѓу земјите. На крајот од своето излагање, Марку ја истакна потребата од зголемени полски инвестиции во регионот.
Марија Ристеска од Центарот за истражување и креирање политики во Македонија, говореше за актуелните прашања коишто ја спречуваат земјата во процесите на интеграција во ЕУ. Како внатрешни прашања беа истакнати корупцијата и недостигот од владеење на правото, додека надворешните прашања вклучуваа изостанување на поддршка од ЕУ за понатамошно проширување, како и блокадата од страна на Бугарија за влез на Македонија во ЕУ. Таа појасни дека владејачката партија незаконски го променила името на државата, односно без согласност на македонските граѓани, преку неуспешен референдум, туку со помош на гласовите од кривично обвинети пратеници. Според Ристеска, со промената на името (со Преспанскиот договор) за интеграција во ЕУ се отворил “портал” за понатамошни уцени, како што е моменталната експлоатација на процесот на интеграција на Македонија во ЕУ од страна на Република Бугарија, со кои дополнително се ограничува правото на самоопределување на македонскиот народ. Тековната стратегија на владејачката политичка партија за интеграција на Македонија во ЕУ се покажала како неефикасна, бидејќи со агендата за добрососедски односи е оспорена агендата за основните човекови права, на којашто всушност се темели и ЕУ. Во однос на внатрешните проблеми што ја спречуваат земјата да влезе во унијата се ниските перформанси во однос на индексот на перцепција на корупција, како и фактот дека Македонија е помеѓу земјите со хибридни режими.
Ридтеска предложи понатамошна критичност, информирање во однос на реформите во политиката и понатамошно олеснување на внатрешната европеизација од страна на тинк-тенк организациите во Македонија. На крајот од своето излагање, таа истакна дека учеството на Полска во Берлинскиот процес преку Самитот во Познан позитивно влијаел на земјите од Западен Балкан, но и дека постои недостиг на полски тинк-тенк организации во регионот.






