Шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева е сериозен кандидат за титулата „Тиква на годината“ , за најглупавата изјава во која ги спореди Тито и Хитлер, пишува бугарскиот портал Frog News.

„Дипломат е личност која ќе размисли двапати пред да каже ништо“ и „Поразот е една работа, а срамот е сосема друга“, ја потсетува порталот вицепремиерката Захариева.
Во текстот, по нејзината изјава за германски “Велт“ , порталот се прашува што слушала или читала Захариева, но таму сигурно немало ништо за Тито и Југославија.
„Инаку, ќе знаеше дека Јосип Броз, познат како Тито, беше организатор на југословенскиот партизански отпор од 1941 година до крајот на Втората светска војна во 1945 година. Под команда на Тито, отпорот се бореше со трупите на Хитлер и со локалната четничка прохитлеровска армија.
Југославија е една од земјите со најголем број жртви за време на Втората светска војна по глава на жител (околу 1,7 милиони луѓе од население од 15 милиони жители), заедно со Полска и Советскиот сојуз.
Тито беше првиот шеф на државата што отворено му се спротивстави на Сталин по неговата победа над нацизмот.
Беа направени неколку обиди за атентат врз него, за кои се верува дека се дело на советските тајни служби.
Тито беше еден од основачите на Движењето на неврзаните, кое играше важна улога за време на Студената војна.
Се разбира, неговото владеење може да биде критикувано за многу работи, но смешно е да се споредува со Хитлер.
Зарем Захариева, откако не успеа да стори нешто значајно во споровите со с. Македонија, реши да го вмеша Белград во скандалот?
А да зборуваш пред германски медиуми како е градоначалникот на Берлин да организира прослава на Фирер е целосен идиотизам“, се вели во написот на Frog news.





