Кога ќе дојде на власт опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе бара нов договор со БУГАРИЈА.
Доколку соседите не ја сменат реториката и доколку не отстапат од своите позиции ќе се оди на нов договор, изјави лидерот на опозициската партија, Христијан Мицкоски, во гостување во емисијата “200” на ТВ Алсат.
„Ако по определен временски период упорно се продолжи на асимилација на овој народ, се напушта билатералниот договор потпишан со Бугарија, таа влада, којашто јас ќе ја предводам, ќе го напушти тој договор. Затоа што тој договор не дал просперитет или шанса за просперитет на овој народ, без разлика на различните етнички групи коишто се дел од оваа држава, на македонскиот народ и ќе бараме нов договор со Бугарија“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека за ВМРО-ДПМНЕ е неприфатливо тврдењето дека македонскиот идентитет и јазик почнуваат од 1945 година.
„Ако бугарската теза е дека ние одеднаш сме се освестиле во 1945 година и од тој момент сме се прогласиле за Македонци коишто го кодифицирале својот јазик, таа теза не можеме да ја поддржиме, затоа што, нема ниту историска ниту каква било етнолошка антропологија. Ако нивна теза е дека биле администратори коишто дошле да нѐ ослободат, тоа не можеме да го прифатиме. Постои договор за капитулација со којшто Бугарија признава дека била на страната на фашистичкиот окупатор“, рече Мицкоски според кого со „ерга омнес“ Заев ја подотвори Пандорината кутија, а сега соседите сакаат да ја отворат уште повеќе.
Видео од интервјуто
https://www.facebook.com/AlsatMTelevision/videos/430572464641226/






