Како што пренесуваат француските медиуми, младата ѕвезда на Монако Килијан Мбапе им се обратил на челниците на својот клуб и им соопштил дека сака да премине во редовите на големиот ривал Пари Сент Жермен. 18 годишниот напаѓач претходно беше голема желба на Реал Мадрид, кој наводно имаше и преддоговор со ПСЖ. Долго се зборуваше и дека Мбапе сака само на Сантијаго Бернабе, но очигледно е дека кај тинејџерот размислувањето се смени.
По доаѓањето на Нејмар во Париз, амбициите се зголемуваат, и ПСЖ станува атрактивна локација за сите, па и за Мбапе. ПСЖ пред неколку дена го урна светскиот трансфер рекорд за Нејмар плаќајќи 222 милиони евра, а многумина сметаат дека арапските сопственици на екипата од Паркот на принцовите нема да жали да искешира нови 180 милиони евра за да го донесе Мбапе во своите редови и да создаде пеколен тандем на иднината.





