Македонската фудбалска судијка Ивана Пројковска ќе го води натпреварот меѓу Барселона и ПСВ од Лигата на шампионките в среда од 17 часот на стадионот „Јохан Кројф“.
Станува збор за возвратна средба од првото коло, во која Каталонките влегуваат со голема предност по победата од 4:1 во првиот меч во Холандија.
На поранешната македонска репрезентативка во Барселона ќе ѝ помагаат Елена Соклевска-Илиевски и Вјолца Изаири, а четврта судијка ќе биде Ирена Велевачкоска.
Пројковска лани го судеше финалето на Европското првенство за фудбалерки до 19 години меѓу Франција и Германија, а на 1 декември го водеше и мечот Израел – Малта од квалификациите за женското ЕП.
Барселона беше финалист во женската ЛШ во предминатата сезона, а лани стигна до полуфиналето.






