Политичкиот аналитичар Ивор Мицковски во колумна за „Дојче веле“ констатира дека „Европа ги спаси парите“, усвојувајќи го Пакетот за закрепнување, но „го загуби образот“, меѓу другото и со бугарското вето за Македонија.
„Во случајот на Македонија, иако ги почитува своите институционални и правни механизми, ЕУ ја продава својата душа, дозволувајќи земја членка да ги погази нејзините конститутивни демократски вредности и принципи за бедно да уценува и да се изживува врз земја кандидат на полето на историјата, јазикот и идентитетот“, пишува Мицковски.
„Националистите во Софија излегуваат засилени од оваа ситуација. Поминуваат неказнето за ветото кое нанесува енормна штета на Унијата и регионот, како и на одредени земји членки, додека во исто време Бојко и Каракачанов во март идната година со полн паричник ќе одат на избори. Најлошата и најкриминална членка на Унијата, Бугарија, која денес едвај може да се третира дека ги исполнува демократските и правните критериуми на ЕУ, доби дополнително честење во висина од 1,5 милијарди евра. Се разбира, исплатата на средствата може да потрае и неколку месеци, бидејќи зависи од одлуките на националните парламенти. Но, Бојко на избори ќе излезе со двојна победа – со вето и со чек за мавтање пред народот“, заклучува колумнистот.





