Сребрен медал за Дејан Георгиевски на Европското сениорско првенство во таеквондо во олимписки категории во Сараево!
Малку недостигаше тој да го повтори својот успех од пред три години, кога со пет победи стигна до златото, и тоа на 18 години, но и покрај водството од 15:7 во финалето загуби со 19:18 од поранешниот светски првак, Иранецот со српски пасош Махди Кобадабакши.
„Се чуствувам и среќен и тажен. Среќен затоа што направив уште еден историски резултат. Тажен затоа што ми го земаа златото од раце во трета рунда. Почнав со убедливо водство, ама тоа е тоа, одиме понатаму“, изјави Георгиевски.
Тој на патот до медалот ги победи Андреј Гарбар од Украина со 11:4, потоа Динко Шегедин од Босна и Херцеговина со 12:7 и Рос Даниел од Шпанија со 11:4.
Георгиевски во јануари го очекуваат квалификациите за Олимписките игри во Токио, од кои само финалистите ќе изборат настап.






