Лаги за лагите (Дерала, Политико, Јоцка, Ордановски) – пишува Драган Милосављевиќ

Нема никаква потреба да се полемизира околу лажните вести со оние кои не сакаат судир на аргументи и факти и кои сложно, хорски со години пелтечат едни те исти наизуст научени реченици дека секој што не мисли како нив е ноторен лажго. Не вреди! Не можеш свињата да ја убедиш дека не треба да се валка во фекалии, таа едноставно ќе се валка бидејќи тоа е нејзината природа, тоа и предизвикува убаво чувство, тоа впрочем ја прави она што е – имено свиња.



Не правам никакви споредби и алузии, тоа не ми паѓа на памет, но кога Дерала или Орданоски по 2096 пат ќе повторат дека Алфа шири дезинформации, повикува на наслиство, се заканува или брани криминал, навистина е излишно 2096 пати да им одговорите ајде нека наведат каде, кога, во кој прилог, во кој коментар сетоа тоа е кажано.
Впрочем, 2095 пати беа доволни ако е за фајде, а тие сепак ќе ја продолжат својата извитоперена пропаганда уште две, три, 10 илјади пати бидејќи, по се изгледа, тоа е нивната природа, така се чувствуваат убаво, тоа ги прави да бидат она што се.

Има уште нешто поважно, а тоа е ставањето во ист кош на сите „непријатели“, со што лагата постигнува одреден суптилен ефект. Ако моето гледиште за некое политичко, економско, социјално прашање некогаш се совпаѓа со гледиштето на одредена персона или медиум, тоа никако не може да значи дека ние сме исти.

Не сме! Некој ако тврди дека земјата е рамна плоча, Светска банка ја водат змијовидни вонземјани, на Марс има луѓе со едно око и три раце, ако некој сака да тепа и убива и ако тој истиот смета дека начинот на кој се водат преговорите со Бугарија е срамен, не може мене да ме ставите во иста реченица со него, затоа што и јас сметам дека преговорите се на наша штета и дека основано се сомневам оти ќе завршат со непоправлив пораз за македонската држава и нација.

Но, подмолната пропганда ќе рече: Еве го и овој е од „тие“, еве и на овој му се причинуваат вонземјани и китови со грбки, значи и тој лаже, нема авторитет да коментира, насилник е и антиевропски елемент.

Да замислиме обратна ситуација. Ако Јоцка колне луѓе до трето колено и потоа го брани Бучковски, дали и Катерина Б. која исто така го брани Бучковски е колнач? Ако Саше Политико пцуе, хистерише, рика како вол во купус, дали Орданоски кој има слични позиции со Политико за низа прашања треба да биде обвинет дека е хистеричен, неписмен манијак?

Ако некој псевдо-лик на Твитер зад кој се крие познат новинар бара бесилка за сите „вмровци“, а јавно ги фали „успесите“ на Шилегов низ Скопје, дали тоа значи дека и Борјан сака да се обесат токму сите „небањати и небричени“ бидејќи и нему му се допаѓа што сработел скопскиот градоначалник?

Се разбира дека не, веднаш ќе речете дека нема логика и не е фер, но ете пропгандните гуруа и идеолози во недостаток на други идеи знаат само на ваков начин да работат, верувајќи дека народот е неук и лимитиран и дека можат да му ги протнат ваквите евтини местенки како сигурни информации.

Некаде им успева, иако веројатно успехот е сведен само кај оние малкумина што едноставно сакаат да веруваат по секоја цена во се што им се сервира. Па сепак, на останатите, на оние кои имаат и здрав разум и здрава логика и изграден став и чесен пристап, не е лошо да им се спомене, повтори и преповтори дека не сме сите исти и дека вистината порано или подоцна ќе си го најде својот пат, за да исплива од морето лаги и испружени прсти кои за да го камуфлираат своето нечесно лице упорно и заканувачки покажуваат кон „непријателот“ со поклич: Ене ги лажговците! 🙂