Замисли, наместо блокада, Бугарија да беше главниот лобист на Македонија за влез во Европската унија, како на времето Германија за Хрватска или за Словенија.
Замисли, веќе да имаше изградено автопат и железница меѓу двете земји, благодарејќи на лобирање на Бугарија за пари од ЕУ или за поволни кредити, па од Скопје до Софија да се стигнува(ше) за 2-2,5 часа, а не за четири како сега.
Замисли, да профункционира(ше) уште некој граничен премин меѓу двата соседа, на пример веќе „историскиот“ Клепало, а двата постоечки на Деве Баир и кај струмичко Ново Село да беа модернизирани и проширени повторно по бугарска иницијатива преку фондовите на ЕУ.
Замисли, наместо акцент во Договорот за пријателство, добрососедство и соработка да се става на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања, во меѓувреме да имаше засилена соработка на културен, спортски, научен план.
Замисли, да има(ше) размена на студенти што на товар на двете држави ќе учеа на некој од универзитетите во нив, а Бугарија како членка на ЕУ да се избореше за дипломите да им важат во Унијата.
Замисли, Македонија и Бугарија да развиваа(т) меѓусебна економска соработка и да поттикнуваа(т) слободно движење на луѓе, капитал и идеи од едната во другата земја преку софинансирање проекти, отворање нови работни места преку поволни кредити за мешовити компании итн.
Замисли, двете земји заеднички да го поттикнуваа(т) развојот на туризмот со разни бенефиции и попусти, па македонските државјани привилегирано и поевтино да уживаа(т) во убавините на Банско, Боровец, Пампорово, Сандански, црноморието, а Бугарите на ист начин да ги посетуваа(т) Охрид, Скопје итн.
Замисли, на меѓународни самити, конференции, билатерални средби и секаде каде што се одлучува за регионот Бугарија да биде застапник и на интересите на Македонија и обратно.
Замисли, на државните телевизии во двете земји да има емисии на двата јазика – македонскиот и бугарскиот, филмови, па дури и заеднички програмски содржини, кофинансирани од двете страни.
Замисли, да бидат достапни весници, списанија, литература од двете земји во двете земји, да има гостувања на естрадни ѕвезди, на театри, оперски куќи, филхармонии…
Ете десет причини, а можат да се наведат барем сто пати по толку, за сегашноста во односите меѓу Македонија и Бугарија да не биде толку сива накај црна.
Македонците и Бугарите не можат да ја сменат историјата, па нека формираат и десет историски комисии во кои ќе си ги вадат очите за личности и настани од Дедо Ное наваму. Но, можат и тоа како да ја сменат сегашноста и да влијаат отсега на иднината.
Никој не вели да се тргне настрана историјата, да се заборават злосторствата, белите петна, да се избрише сеќавањето на луѓето за одредени настани што ден-денес ги обременуваат односите меѓу двата соседа и народа. Никој не може, на пример, во Македонија да го игнорира фактот дека Бугарија прва ја призна како независна држава, дека за време на грчкото ембарго земјава се снабдуваше со нафта и нафтени деривати преку пристаништето во Бургас или дека источниот сосед ѝ испорача тенкови кога на државава ѝ се закануваше прелевање на српско-албанскиот судир од Косово.
Исто како што никој во Бугарија не може и не треба да заборави дека и македонскиот потпис на Декларацијата за пријателство и соработка од 1999 година ѝ помогнаа да го исполни условот за добрососедство кога ѝ пристапуваше на ЕУ. Или дека многу Бугари бегајќи од разни причини (економски, политички) од својата земја во комунизмот наоѓаа во Македонија засолниште или отскочна штица за емигрирање на Запад. Или дека државното радио во Македонија уште во претходниот систем имаше емисии на бугарски јазик. Или дека и во Македонија се навиваше за фудбалската репрезентација на Бугарија кога со Стоичков, Лечков, Балаков, Сираков, Боримиров, на Светското првенство во САД во 1994 година стигна до полуфиналето.
Наместо враќањето по којзнае кој пат назад, вкопувањето во ровови и исправањето „криви дрини“, крајно време е да се закопаат воените секири и да се погледне напред. Обичните луѓе од двете страни на границата не се мразат, зошто многу повеќе се нештата што ги зближуваат отколку тие што ги делат. Впрочем, неколку милиони Бугари имаат допирни точки со Македонија – потекло, семејни врски итн., па нема никаква логика да се мразат со Македонците.
Овозможете им на двата народа подобро да се запознаат, зошто токму ограничените контакти од (не)објективни причини ги злоупотребуваат политичарите и другите што не им мислат добро за да ги раскараат, спротивстават, закрват.
Бугарите никаде нема да најдат поотворени и попријателски настроени луѓе од Македонците. Тоа можат да им го потврдат, да речеме, сите народи од поранешна Југославија. Или Турците, на пример, на кои и по 5,5 века „турско ропство“ денес никој во Македонија не им го избива низ нос тоа што го правеле нивните предци тука. Напротив, многу Македонци со задоволство летуваат во Турција, одат на шопинг или студираат таму, а Турција дури и во документите на НАТО во фуснота нагласуваше дека ја признава земјава како Република Македонија.
Во што е тајната на блискоста на ниво на пријателство со Македонците? Во почитта и во меѓусебното признавање со сите особености, доблести и мани. Тоа важи за сите народи, но најмногу за македонскиот, зошто ретко кој друг бил толку оспоруван, омаловажуван, ништен.
Прифатете ги Македонците такви какви што се, без да им чепкате во (само)чувствата, во нивната претстава за тоа кој се и што се, на кој јазик зборуваат, па, што се вели, душата ќе ви ја дадат. Толку е едноставно.
Вето за евроинтеграцијата на Македонија тука не само што не помага, туку е директно спротивно и со христијанскиот принцип „прави добро, со добро ќе ти се врати“. Луѓето ги паметат добрите дела, но лошите уште повеќе. Тоа е последното нешто што им треба на Бугарија и на Бугарите во однос на Македонија и на Македонците во моментов.






