„Зачуден сум од силната политичка изјава на колегата (Ангел Димитров – н.з.) и тоа во пресрет на новата средба.
Ставот за монолитна политичка позиција во однос погледите за минатото е како оддек од едно друго време. Исто така, да се подредува нашата работа на политички барања и погледи е академски неприфатливо”, вели копретседавачот во Мешовитата историска комисија Драги Ѓоргиев во изјава за Радио Слободна Европа.
Изјавата на Ѓоргиев следи откако Ангел Димитров, во интервју за БНТ ги обвини македонските колеги дека прават се’ што е можно да не се случи напредокот што го посакуваат политичарите.
„Ако однапред се бараат оправдувања за неуспех на средбата тоа секако нема да придонесе кон реализација на нашите заеднички цели. Далеку е покорисно да дадеме личен придонес во научната дискусија во рамките на комисијата, отколку во јавноста да даваме еднострани политички толкувања и лични желби. Очекуваме плоден дијалог ослободен од политички притисоци и политички агенди со цел да придонесеме во градење на заемно пријателство”, вели Ѓоргиев.
Утре и задутре треба да се одржи 11-та средба на Мешовитата историска комисија, а според бугарските медиуми тема е средновековието.





