Белгиски балканист: Аргументот дека македонскиот јазик е вештачки е бесмислен

Белгискиот експерт за Балканот, Рајмонд Детрез, не се соглаасува со тврдењето од Софија дека македонскиот јазик е вештачки, односно западен дијалект на бугарскиот.



„Создавањето национален литературен јазик е политички чин на кој секоја земја прибегнува самостојно. Бугарија може да го земе терминот ‘македонска литературна норма’ за внатрешна употреба, но не може да го оспори правото на Северна Македонија да го нарече својот национален јазик ‘македонски’. Јазичните приговори, дури и да се научно валидни, не се важни тука бидејќи аргументот дека македонскиот јазик бил ‘вештачки’, едноставно, е бесмислен. Создавањето национален литературен или стандардизиран јазик е политички чин, затоа јазикот е секогаш ‘вештачки’. Ниту еден литературен јазик во светот не се појавува ‘спонтано’ или ‘природно’. Државата секогаш интервенира на начин што нема никаква врска со природниот развој на јазикот. На лингвист или комисија на лингвисти им доверува задача да утврдат што е фонетски, правописно, граматички и лексички точно. Министерството за образование ги одобрува правилата и ги наметнува со сила на закон. Ако сте студент и не ги следите, тие ќе ве скршат на испитите. Ако сте зрела личност, но не знаете да зборувате и пишувате според правилата наметнати од државата, нема да имате пристап до одредени професии. Сите литературни јазици на светот, вклучително и бугарскиот, се создадени на овој начин. Со децении, македонскиот литературен јазик функционира како полноправен национален јазик во образованието, медиумите, правдата, литературата итн. Негирањето на неговото постоење ме потсетува на вицот кога шоп гледа жирафа во зоолошка градина и вика дека ‘нема такво животно’“, објаснува во интервју за Дојче веле професорот по историја на Балканот и историја на културата на Источна Европа.

Детрез се осврнува и на создавањето на македонскиот народ, повлекувајќи паралела со бугарскиот.

„Кога зборуваме за појавата на бугарскиот и на македонскиот национален идентитет, мораме да имаме предвид дека ниту еден од нив нема длабоки корени во минатото. Предците на современите Бугари и Македонци се сметаат првенствено за христијани, нивниот идентитет не се разликува значително од оној на православните Грци, Албанци и други – освен преку јазикот, и тоа главно на народно, разговорно ниво, бидејќи нивните интелектуални елити користат претежно грчки“, вели тој.

„Формирањето на бугарската нација, според ‘очевидци’ како Априлов, Раковски, Балабанов и други, започнало во 30-тите години на 19 век. За првите манифестации на нешто како македонска национална идеологија, нè информира Петко Славејков во напис во весникот ‘Македонија’ од 1871 година. Кон крајот на 19 век, други автори како Ѓорѓија Пулевски и Крсте Мисирков тврдат дека има македонски народ и јазик. ‘Македонистите’ се обидуваат да изградат македонска национална заедница, со посебен акцент на оние обележја со кои Македонците се јасно поразлични од оние со кои всушност имаат најмногу заедничко – Бугарите. Но, градењето на македонска нација заврши дури по Втората светска војна, кога македонските националисти веќе ги имаа потребните ресурси што може да ги обезбеди само една сопствена држава: училишта, медиуми, полиција, армија и научници кои составија национален литературен јазик и официјална верзија на националната историја“, додава основачот на Центарот за југоисточноевропски истражувања при Универзитетот во Гент.

Според Детрез, нема ништо спорно во тоа бугарската окупација на Македонија во Втората светска војна да се нарекува фашистичка.