Белград контра САД, застана во одбрана на Русија

Српските власти влегоа во директен дипломатски дуел до американската администрација со изјавата дека не го делат ставот на САД за Русија како фактор за дестабилизација на Балканот.



– Србија беше присутна на самитот на „Јадранската група“ во Подгорица како набљудувач но не се согласува со се што беше кажано таму, вклучително и со обвинувањата дека Русија се обидува да ги смени межународните градници со сила. Ако говориме за менување на границите западот е тој кој што го стори тоа со Косово и Србија“, изјавил српскиот министер за надворешни работи и вицепремиер Ивица Дачиќ за српските медиуми.

Дачиќ со оваа изјава директно ги негира наводите искажани од американскиот потпретседател Мајк Пенс според кого Русија го дестаблизира Балканот.

Дачиќ кој очекува САД да ги исполни ветувањата за Балканот  дадени од Пенс вели дека Америка мора да прифати дека секоја земја може сама да носи одлуки и да одлучува за својата иднина.

Според Пенс кој на втори август во Подгорица ги собра сите лидери од екс Југославија плус Албанија ја нарече Русија „непредвидлива земја која што фрла сенка од истокот“. и која сака да ги прецрта балканските граници.

Во одговор на Пенс , официјална Москва со идентичен вокабулар како и Дачиќ, изјави дека САД е земјата која што во 1999 година го прекршила меѓународното право и употребила воена сила против Србија на Косово.