Напорите на Скопје и Софија да го затворат својот конфликт не се само политички или билатерални туку имаат позадина која што е поврзана со други глобални игри и трендови, сметаат дел од бугарските експерти.
Договорот со Македонија „мириса на сурова нафта“, тврди поранешниот бугарски дипломат и аналитичар Бојан Чуков за бугарската национална телевизија на која го коментираше договорот за пријателство меѓу Бугарија и Македонија.
Чуков смета дека договорот е позитивен чекор во правилна насока но во него има и нејасни формулации кои што можат да предизвикаат проблеми во иднина.
„За да се оцени договорот неопходно е да се постави и хронологијата на други настани вклучително и на ситуацијата во Катар“, коментира Чуков според кој целата ситуација со Македонија и потпишаниот договор се последица на геостратешките игри со енергетските коридори кои што минуваат низ Македонија.
Според него договорот е потпишан на инсистирање на САД чиј претседател при неговата посета на Европа понуди неговата земја да доставува гас на стариот континент и да ја замени Русија како главен добавувач на енергенси во ЕУ. Според бугарскиот екс дипломат главен конкурент на американскиот гас во Европа е Катар.
„Затоа беше нападнат Катар“, тврди Чуков според кого во Европа има 26 терминали каде плинот од течна агрегатна состојба се претвора во гас но тоа е за 30 % поскапа варијанта поради што Европската Унија ги продолжува договорите со руските енертгетски компании и гради нови коридори за нафтата и гасот кои пристигнуваат од Русија како Северен поток 2.
Соред Чуков со договорот Бугарија – Македонија се создаваат услови за влез на официјално Скопје во НАТО со што САД ја елиминираат опасноста Русија и Катар да влијаат или да ги контролираат целосно енергетските коридори кои минуваат преку Македонија и Балканот.





