Бугарија тврди дека е осквернавен споменикот на загинатите бугарски туристи во Охрид

Бугарските медиуми јавуваат дека во Охрид е осквернавено спомен обележјето на бугарските туристи кои се удавија во несреќата на бродот Илинден во 2009 година.



Според бугарски извори споменикот наречен „Солзата на Роза“, бил разрушен а симболот на роза е исчезнат.

Спомен обележјето беше поставено во септември на одбележувањето на единаесет годишнината од потонувањето на бродот „Илинден“ и несреќата во која загинаа 15 бугарски туристи.

Портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски, во изјава за порталот ОХРИД 24 вели дека до овој момент кај нив нема пристигнато пријава за некакво уништување или оштетување на споменикот.

Овој настан доаѓа во моменти кога Бугарија стави вето за почеток на преговорите на Македонија во ЕУ, и воедно бара да признаеме дека македонскиот јазик е произлезен од бугарскиот, а македонската нација постои по 1945 година, пишува Охрид24.