Кали Јовчевска, внука на народниот херој Раде Јовчевски-Корчагин, е „крајно револтирана“ од тезите на премиерот Зоран Заев изнесени во интервјуто за бугарската информативна агенција БГНЕС.
„Како внука на Раде Јовчевски-Корчагин, се чувствувам крајно револтирана од изјавите на оној што веќе подолг период работи систематски на негирање на постоењето на сè што е поврзано со Македонија и со македонската историја.
Е па оваа слика е убиството на мојот дедо кој е убиен од бугарската ‘администрација’. Така, пријателски, додека е пукано од нивна страна во него, извикуваат: ‘Еве ти ја слободата’. Не се борел за Бугарија, туку против фашизмот, против бугарскиот фашизам.
Историјата не се менува – таа е дел од еден народ! А ова е нашата… тажна, болна… ама таа е, наша е и мора да ја чуваме!
Да живее Македонија!“, порача Јовчевска.
https://www.facebook.com/kali89/posts/10158672241015941
Како личност од доверба на челниците на КПЈ, прогонуван како „опасен комунист“ и „човек против кралот“, кој неколку пати се сретнал и со Тито, во повеќе наврати е затворан и мачен пред Втората светска војна, а во неа учествувал во формирањето на партизански одред во Скопска Црна Гора. Бугарската фашистичка полиција објавила потерница по „Јанко“, а неговата глава ја уценила на 150.000 лева.
Вечерта на 20 февруари 1943 година, Раде заедно со останатите активисти сакале да се префрлат во куќата на Јорда Нешевска, денес во Маџир-маало. Без нивно знаење, тие биле предадени и куќата била опколена од бугарската полиција, при што тој бил ранет и потоа немилосрдно убиен со неколку куршуми и со извикот „Еве ти ја слободата“.
За народен херој е прогласен на 8 октомври 1953 година. Во негова чест средното училиште во населбата Пролет во Скопје го носи неговото име.






