Шефицата на бугарската дипломатија, Екатерина Захариева и денес потврди дека Бугарија ќе го блокира почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ сè додека не го напушти јазикот на омраза кон сè што е бугарско.



Во интервју за шпански медиум, таа понуди и „рецепт“ како треба да бидат односите меѓу двете земји:

„Односите меѓу Бугарија и Македонија треба да ги имитираат односите меѓу Шпанија и Латинска Америка“ вели Захариева.

„Го земам примерот со Латинска Америка: Фактот дека Аргентинците и Чилеанците зборуваат шпански не ги прави помалку Аргентинци и Чилеанци. Фактот дека тие имаат заедничка историја во еден момент не го намалува нивниот суверенитет денес. Напротив, тоа ги приближува “, вели бугарската министерка за надворешни работи.

Според неа, како што Шпанија е најголем поддржувач ЕУ да биде поблизу до земјите од Латинска Америка, така и Бугарија е првата земја што ја призна независноста на Македонија во 1991 година и ја стави на дневен ред европската перспектива на земјите од Западен Балкан за време на претседавањето во 2018 година, пренесе БГНЕС.