Најмалку тројца членови на македонскиот дел од мешовитата историска комисија комисијата вечерва искажаа осуда на ставовите на премиерот Зоран Заев изнесени во интервјуто за БГНЕС.
Ставот на македонските историчари, како што пренесува Дојче веле е дека „се спротивставуваат на изјави кои содржат елементи на историски ревизионизам кој ги поткопува основните темели на Европа“.
„Како член на македонскиот дел од Комисијата, лично се оградувам и ги осудувам последните изјави на Премиерот и апелирам политичарите да се воздржуваат од тврдења и коментари со кои не се запознаени и не се од нивниот домен на познавања и експертиза“, напиша на ФБ историчарката Љубица Спасковска.
За неа е особено спорна оценката дали Бугарите (не) биле окупатори во Македонија во Втората светска војна.
Од Заев исто така се огради и историчарот Огнен Вангелов.






