Мексико: Сенатот одобри легализација на марихуаната


Мексико е на чекор да стане најголемиот светски пазар на марихуана, откако Сенатот минатата недела го усвои предлог-законот за легализирање на рекреативната употреба на марихуаната.



Осумдесет и двајца сенатори гласале „за“, додека само 18 биле против.

Предлог-законот сега треба да биде одобрен од долниот дом на Конгресот за да стане закон, а тоа се очекува да се случи до крајниот рок на 15 декември утврден од Врховниот суд.

Највисокиот суд во Мексико минатата година донесе одлука дека законите за забрана за употреба на марихуана се неуставни.

Со речиси 130 милиони жители, Мексико ќе стане најголема земја во светот што ќе ја легализира рекреативната употреба на марихуана на национално ниво.

Предлог-законот усвоен од Сенатот дозволува поседување до 28 грама од страна на возрасните, но на нив ќе им биде забрането да пушат пред деца.

Ќе биде дозволено одгледување до шест растенија дома и ќе се воспостави систем за лиценцирање за големо производство и продажба.