Драгаш: Бугарија преку Македонија турка своја агенда во ЕУ, Германија нема сила да интервенира

Спроведувајќи вето, Бугарија ја користи својата позиција на членка на ЕУ само за да постигне некои нејзини надворешно-политички интереси, на ист начин како што тоа го правеа многу други претходно. Проблемот е во тоа што ЕУ нема желба и начин да ги обесхрабри ваквите еднострани активности, пишува за Еуроактив Д-р Орхан Драгаш од Меѓународниот институт за безбедност во Белград.



Авторот на книгата “две лица на глобализацијата – Вистината и заблуди” смета дека Македонците се емотивни луѓе и веројатно имаа многу тешкотии да го издржат ненадејните случки на кои беа изложени за само неколку дена – од ентузијазам за првото учество на следното Европско првенство во фудбал, до нова блокада на нивниот пат кон членството во ЕУ.

“Фактот што Бугарија го блокираше отворањето на преговорите за пристапување во ЕУ со Македонија не е ниту новина ниту изненадување.

Постои долга историја на соседско сопнување на патот кон добивање членство во ЕУ. Словенија ја блокираше Хрватска поради границата со Пиранскиот залив, па Хрватска, веднаш штом стана членка на ЕУ, ги блокираше преговорите на Србија, а Бугарија го стори тоа кратко пред три години, заради позицијата на нејзиното малцинство во Србија.

Грција ја држеше Македонија со децении без никакви шанси да се интегрира во Европа и НАТО, сè додека не го смени името. За цело време, ЕУ повторуваше дека нерешените соседски проблеми не смеат да бидат причина за членка на ЕУ да стави вето на соседот кој не е член на ЕУ. Но, кој би поверувал во тоа, особено по бугарското вето?

Значи, проблемот не е во тоа што Бугарија го условува пристапувањето на Македонија, Бугарија ја користи само својата позиција на членка на ЕУ за да постигне некои нејзини надворешно-политички интереси, на ист начин како што тоа го правеа многу други претходно. И тоа е целосно легитимно.

Но, проблемот е во тоа што ЕУ нема желба и начин да ги обесхрабри и спречи ваквите еднострани активности на нејзините полноправни членки.

На фактот дека Бугарија ја условува Северна Македонија со историски и идентитетски прашања, Германија, како сегашно претседателство со ЕУ, одговара ладно и незаинтересирано – нека го решат сами, а ние ќе помогнеме ако не повикаат

Во овој случај, ЕУ покажува најголема и најотворена незаинтересираност досега за отворање на вратата за нови членки од Балканот. Ниту Брисел, ниту главните европски метрополи не се обидуваат да најдат утешни, оптимистички зборови за оние кои сè уште се во чекалната, тие едноставно веќе немаат волја за тоа.

Она со што навистина се соочуваат и каде „гори“ се блокади и гласање на вето во самата ЕУ. Како да се справите со Унгарија и Полска, кои го блокираат усвојувањето на огромен буџет од 1,8 трилиони евра, бидејќи неговата употреба е условена со почитување на човековите права и владеењето на правото”, пишува Драгаш во текстот за Еуроактив.