Ѓоргиев: Да го оставиме на страна прашањето чиј е Гоце Делчев

Првиот човек на македонскиот тим во заедничката македонско-бугарска комисија за изторијата вели дека политичката ситуација по бугарското вето несомнено ќе влијае на работата на Комисијата.



„ По блокадата од страна на Бугарија, овде се интензивираа негативните коментари за тоа. Веќе има притисок врз комисијата да ги прекине преговорите. Јавноста е и разочарана, но и бесна поради овој потег на Бугарија. Несомнено, тој притисок од јавноста се пренесува и врз членовите на комисијата. Се разбира, политички досега од ниту еден фактор не сме имале притисок, но од медиумите и јавноста е навистина голем. Се чувствува, но како што реков, јас сум за продолжување на работата на комисијата, вели Драги Ѓоргиев.

Надминување на недоразбирањата можат да се случат само преку дијалог, преку разговори, рече копретседавачот во Комисијата и најави средба со бугарските колеги на 3 и 4 декември, а ќе биде онлајн поради пандемијата.

Ѓоргиев вели дека барањата на Бугарија се апсолутно неприфатливи за Македонија и македонската јавност а тоа предизвикувало „радикалите да се обидат да ја зголемат недовербата кон Бугарија, што ќе влијае на членовите на македонската страна на комисијата“.

Според него, остануваат несогласувањата со бугарските колеги околу терминот „заедничка историја“.

„Според бугарската страна, историјата до 1944 година се однесува само на еден народ – Бугарите. Ова за нас е апсолутно неприфатливо бидејќи процесот на формирањето на современата македонската нација е нешто што е почнато порано и за тоа можеме да најдеме документи и личности кои се залагале за тоа. Не можеме да кажеме дека до 1944 година историјата е само на бугарскиот народ, ние исто така имаме своја историја, свои личности, култура што ни овозможува да ги бараме своите корени назад и ние имаме право на тоа и никој не може да ни ги одземе.Јас исто така не се согласувам со тоа“, рече Ѓоргиев.

Ѓоргиев потврди дека личноста на Гоце Делчев ќе продолжи да предизвикува полемики меѓу историчарите од обете страни:

„Тој е роден во Македонија, се бори за Македонија. Има силен македонски политички идентитет и сето тоа не може да го запоставиме. Затоа сметам дека во овој момент треба да бидеме флексибилни и умни, да го оставиме на страна прашањето чиј е Гоце Делчев“.

Тој  е силно вграден во меморијата и на бугарскиот и на македонскиот народ. Според тоа, можеме да го сметаме за херој кој може заеднички да го славиме и тука треба да најдеме решение, а дискусиите ќе продолжат понатаму, вели Ѓоргиев нагласувајќи дека не е работа на комисијата да донесе одлука за неговиот идентитет.