“Путинист” најде предавници во Бугарија за случајот Македонија

Поддржувач на рускиот претседател Путин кој ја поддржал руската анексија на Крим сега како предавници ги именува и ги прозива бугарски интелектуалци кои бараат владата во Софија да не ја блокира Македонија на патот кон ЕУ.



Бугарскиот политиколог Димитар Бечев открива дека коментаторот на Бугарското национално радио Петар Волгин кој сега ги напаѓа бугарските интелектуалци кои бараат преговори за Македонија со ЕУ е “Путинист” со што ја засилува тезата дека со ветото на бугарската влада всушност Русија успеала да ја запре македонската евроинтеграција.

“Коментатор на бугарското национално радио ме нарекува мене и моите колеги критички настроени кон националистичката лудост околу Македонија „предавници“ и „распродавачи“. Непотребно е да се каже, истиот тој навиваше за Путин кога го анексираше Крим во 2014 година”, пишува Бечев.

” Разбирливо е дека во Македонија реагираат нервозно, вулгарно и хистерично. Скоро три децении тие се навикнаа нивните злосторства да останат незабележани. Тие одлучија дека можат да прават што сакаат, а Бугарија нема да реагира. И кога конечно реагиравме правилно, тоа лошо ги повреди. Ова е логично. Сепак, постои друга реакција која е тешко разбирлива. Станува збор за реакцијата на луѓето кои се Бугари и кои отворено се солидаризираа со официјалниот став на Македонија. Овие луѓе, кои имаат бугарски лични документи, го опишаа светот по излегувањето на бугарското вето. Тие објаснуваа колку е кратковида нашата позиција. Како тоа било манифестација на примитивниот национализам. Како ни се смееја Европејците. И како треба веднаш да ја ревидираме нашата позиција и да се откажеме од ветото. Затоа што само така можевме да го измиеме срамот од челото, што го залепивме за себе”, пишува прорускиот новинар на БНР Волгин.

Бечев заедно со триесетина бугарски интелектуалци побара владата во Софија да не ја билкира Македонија.