Expres.mk започнува со објавување на карикатури и афоризми од македонски автори.
За денеска карикатурата “Кој ни ги јаде корените”? Од доајенот на македонската карикатура и сатира Јордан Поп Илиев.
За авторот
Јордан Поп Илиев е роден во Неготино, 1940 год. Завршил Филозофски факултет – група Педагогија со Историја на уметност. Карикатурата му е преокупација уште од најрано детство. Активно почнува да црта карикатури од 1968-69 год. Карикатури објавувал во сите хумористични списанија и во повеќе дневни весници низ екс-Југославија. Во 1977 год. ја издава првата книга со карикатури под наслов „Рогови“. Поп Илиев е еден од основачите на Здружението на карикатуристите на СР Македонија – 1980 год. и на ФЕКО – Здружение на карикатуристите во светот.
Јордан Поп Илиев е прв македонски карикатурист кој отворил самостојна изложба на карикатури во странство (Легница, Полска, 1980 год.). Илустратор е на неколку учебници за основно и средно образование и илустрирал повеќе книги од самостојни автори. Застапен е во повеќе музеи на карикатурата во светот (Тренто, Толентино, Техеран, Габрово, Берлин, Истанбул, Мексико, Варшава, Монтреал, Рио де Жанеиро…). Застапуван е и во календари, рекламни паноа и плакати. Учесник е на низа колонии и собири за карикатури низ Европа.
Во деведесеттите години од минатиот век бил редовен соработник во најпознати светски сатирично-хумористични списанија: „Nebespalter“- Швајцарија, „Pardon“- Германија, „100-Blagues“ – Франција и „Ca Bala“ – Италија. Препечатуван е во сите хумористично-сатирични списанија во светот.
Самостојно изложувал свои дела во Амстердам – 1984,Тренто – 1989, Габрово – 2008 и Северен Кипар – 2008 год. Учествувал на повеќе групни изложби во странство и застапен е во околу 400 каталози.
Самостојно изложувал во Скопје (1981), како и во неколку градови низ Р. Македонија. Имал свои рубрики во неколку весници („Вечер“- „Црно на бело во колор“, во 1990тите). Во „Дневник“ секојдневно соработувал од 2010 до 2013 год. Во овој период има изработено 1.156 карикатури. Бил член на жири комисија за карикатури во Турција, Бугарија, Азербејџан, Косово и на повеќе конкурси во Скопје и низ Р. Македонија.
Денес негови презентации можат да се видат на повеќе електронски страни за карикатура во светот (околу 180 карикатури и скратени текстови). Поп Илиев е добитник на преку 100 награди и признанија на меѓународни конкурси и фестивали за карикатура, како и на десетина признанија од домашните простори. Поп Илиев живее и работи во Скопје.
Дарко Марковиќ (карикатурист) во едно интервју во деведесеттите години рече: „Светската галерија во раните седумдесети години издвои многу врвни имиња кои постанаа познати во светот, од нашите автори излегоа 3-4 врвни имиња во светот, меѓу кои и Поп Илиев“.






