За боледување поради Ковид-19 вработените и во јавниот и во приватниот сектор ќе добиваат 70 проценти од платата за отсуство до седум дена, 80 проценти за отсуство до 15 дена и 90 проценти кога се на боледување над 15 дена. Во првите 30 дена исплатата на боледувањето е на товар на работодавецот, а потоа на Фондот за здравствено осигурување.
Ова, како што рече министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска е праведно решение и правично за вработените и во едниот и во другиот сектор.
Според министерката, Владата донела одлука на вработените да им се исплаќа 100 проценти од платата за боледување поврзано со Ковид-19 без разлика дали станува збор за изолација заради контакт со позитивно лице, за лица кои се позитивни, но без симптоми и се дома, и лица кои имаат симптоми се лекуваат или дома или во болница. Но, како што рече, тоа било променето по реакциите дека на ваков начин се дискриминирани вработените во приватниот сектор. (Независен)





