Тешко е да се разбере дали Европската Унија (ЕУ) е сериозна во однос на Северна Македонија, порачува вицепремиерот во интервју за австрискиот медиум „Стандард“, во кое зборува за европските интеграции на земјава и за бугарското вето.
Направени се големи чекори во изминатите три и пол години, смета тој и го поставува прашањето каква порака се испраќа до регионот ако тоа не биде препознаено од ЕУ.
„Тоа е тешко да се каже. Ни останаа уште неколку дена. Но, за нашиот регион ова дава многу лош сигнал. Бидејќи ние бевме првата држава што потпиша Спогодба за стабилизација и асоцијација со ЕУ. Статус кандидат имавме 15 години.
Најпрво бевме блокирани од Грција, но го решивме овој проблем.
Потоа Франција покрена нова методологија за проширување и сега постои нов проблем со Бугарија.
Навистина е тешко да се разбере дали ЕУ е сериозна во однос на нас.
Во март оваа година сè уште имаше зелено светло од Советот на ЕУ – Бугарија беше дел од овој консензус. Потоа, во октомври, добивме многу позитивен извештај од Европската комисија. А што се однесува до политичките критериуми, прилично сме напреднати, дури и во споредба со оние земји што преговараат веќе неколку години.
Во последните три и пол години ги решивме проблемите со соседите, направивме големи чекори кон отворено, демократско, мултиетничко општество и спроведовме реформи за правна држава. Каква порака, всушност, се испраќа до регионот доколку ова не биде препознаено од ЕУ?“, вели Димитров за австриски „Стандард“ одговарајќи на прашањето дали мисли дека Бугарија ќе остане непоколеблива.
Во интервјуто вицепремиерот вели дека бугарското вето од вторникот не било добар ден ниту за Европа ниту за европската перспектива за регионот, а особено за нас. 360 степени





