Додека не добиеме правни гаранции – и од Скопје и во контекст на процесот на преговори со ЕУ, дека ќе дојде до промена на сегашната политика, ние не можеме да се согласиме на одржување на првата меѓувладина конференција и на старт на преговорите за членство со Северна Македонија, изјави денеска бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева.
„Бугарските национални интереси во Република Македонија се предмет на јавен и политички консензус, пренесувани со генерации во надворешната политика на Бугарија и потврдени во Декларацијата на Народното собрание од 10 октомври 2019 година. Оваа Декларација е пример за континуитет и меѓупартиски консензус со што можат да се пофалат само мал број земји. Тоа ни ја даде потребната политичка тежина со цел самоуверено да го браниме нашиот национален интерес во разговорите со Скопје, нагласиа Захариева во обраќање пред пратениците на бугарското Собрание, кои ги информираше за најновиот развој на настани во односите со земјава.
Како што јави БГНЕС, Захариева истакна дека Бугарија ќе ги вложи сите неопходни напори за „постигнување квалитативно нов почеток во односите“ со земјава, додавајќи дека Софија во нив отсекогаш покажувала „конзистентност, предвидливост, транспарентност и конструктивност“.





