Професорот на штипскиот медицински факултет и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ д-р Вело Марковски вечерва во емисијата “Само вистина” на Канал 5 телевизија изјави дека негов став што и го сугерирал на владата е на чело на тимот во битката со Ковид-19 да биде експерт инфектолог.
Дополнително тој предложил Комисијата за заразни болести да биде составена претежно од инфектолози но предлогот не бил прифатен.
„Тој предлог го поддржа цела опозиција. Требаше власта да го прифати тоа. Мислам дека предлогот беше инфектолози, микробиолози, епидемиолози и еден имунолог. Значи не е битно кој од која партија е, важно е стручноста и кадарот. Значи мора да се слуша науката. Постојат и многу проблеми во организациска смисла. Има кадар на Клиника кои работеле со децении со респираторни болести и инфекции, а никаде не ги видов, да се вклучени дали во доктрина или во лекување. Ова му го кажав и на министерот Филипче на тој фамозен состанок. Но, тој немаше разбирање за тоа. Многу сум разочаран од министерот Венко Филипче како човек. Некои разговори што ги имавме за да помогнам во кризата, тој сосема поинаку ги интерпретирал во јавноста“, рече Марковски.
Др. Марковски откри дека во разговор со министерот за здравство Венко Филипче се понудил да биде вклучен на клиниките во борбата со Ковид-19, но министерот никогаш не му се јавил.






