Вицепремиерот и министер за одбрана на Бугарија, Красимир Каракачанов, не престанува со отровните стрели кон Македонија, објаснувајќи го несогласувањето за старт на преговори на соседот со Европската унија.
„Власта во Скопје ја замислува ЕУ како СССР, во кој имаше социјалистички држави, кои ако се закачат меѓусебе, трчаат во Москва и таму е арбитарот кој пресудува. ЕУ, пак, е составена од земји со еднакви права и одговорности, Кога некоја земја има забелешки за друга, другите се сообразуваат“, одговори тој на барањето од Бугарското национално радио (БНР) да го коментира тоа што Скопје смета на притисок од Берлин врз Софија.
Каракачанов ја обвини Македонија и за руско-коминтерновска политика, отфрлајќи ги обвинувањата дека Софија одработува за Москва со блокирањето на македонската евроинтеграција.
„На чија руска позиција ѝ служиме? На оние во Скопје, кои 70 години имаат идеологија разработена во Москва – за посебна македонска нација која нема ништо заедничко со Бугарите, и една пракса и политика на Скопје во изминатите 30 години да го негира бугарскиот карактер на историјата на географската област Македонија, присвојување на бугарските национални херои. (…) Всушност, буквално до денес“, рече Каракачанов.
„Значи, всушност, Скопје ја спроведува оваа руско-коминтернска политика, која беше дел од југословенската државна политика на Тито“, продолжи тој.„ Кого да туркаме кон Москва? Градоначалникот на Скопје, кој оваа сабота организира обиколка на историските места во Југославија и другарот Јосип Броз Тито, или неговиот заменик, кој побара од децата да научат српски јазик пред месец и половина? Бугарија го прави токму спротивното“, заклучи тој.





